Актуелниот стратег на Еурофарм Пелистер 2, Александар Јовиќ е тренер кој повеќе од една деценија работи со млади играчи. Најголема потврда дека неговиот ангажман носи квалитет и резултати говори и фактот дека вториот тим на „фармацевтите“ ја оствари својата цел за сезонава, пласман во суперлигашкиот плеј-оф, даде двајца таленти во составот на Жељко Бабиќ, а и Јовиќ веќе има обезбеден договор за продолжување на соработката со битолскиот клуб и во следната сезона.
Поранешниот македонски репрезентативец е роден во Тузла, БиХ, каде од 12 година започнува да тренира ракомет во Слобода Тузла. Се обидел и со атлетика, фудбал и кошарка, но тоа биле епизодни улоги, од по еден месец, додека ракометот станал голема љубов. Почнал како десен бек и бил најдобар на оваа позиција во кадетска и пионерска конкуренција на ниво на БиХ, но со оглед на тоа дека со растот застанал на 1.82 см го „префрлиле“ на крило. Тој бил и кадетски репрезентативец на Југославија, но кога во 1992 се случува војната во БиХ и тој доаѓа во Македонија.
Тука ја гради својата кариера – тргнува од велешки Борец, преку Јафа Промет, па една сезона ќе одигра во Апатин, Србија. Ќе се врати дома, во редовите на Вардар и Пелистер, па одново интернационални настапи во Сплит, Загреб (го смета за најголем клуб во кој играл), една сезона и во Италија, за кариерата да ја заврши во Металург во 2009 година. Паралелно со успешната клупска кариера (во сите клубови во кои има настапувано има освојувано и шампионски и куп титули, како и настапи во европските клупски купови) Јовиќ може да се пофали дека бил од оние играчи кои ги направиле пионерските репрезентативни чекори „Бев репрезентативец на Македонија од 1995 година, учествував на првото ЕП 1998 во Италија, потоа СП 1999 во Египет и бев дел од генерацијата која во 2009 ја врати Македонија на Мундијалите, со пласманот на СП во Хрватска.“
Крајот на играчката кариера и почетокот на тренерската се случува во совршен тајминг за Јовиќ, кој како дел од стручниот штаб на Металург има можност занаетот да го учи од еден од најдобрите, Лино Червар, кој го смета за свој ментор. Системот и начинот на работа кој Хрватот му ги пренел на Александар, тој и денеска ги применува во тренажниот процес. Интересно е што фокусот на Јовиќ е кон создавање на млади играчи, тоа го започна во Академијата на Металург, па го продолжи со младата генерација „металурзи“ кои ги водеше и во вториот тим, но и во првиот. Потоа им се посвети на најмладите во Академијата на Алушовски, за во последнава година да биде одговорен за расадникот на Еурофарм Пелистер 2.
ЧЕРВАР Е МОЈ МЕНТОР, А ЈАС СЕ СТРЕМАМ ДА БИДАМ НЕГОВ НАЈДОБАР УЧЕНИК
„Кога ја завршив играчката кариера од тогашниот претседател на Металург, Ристо Чокрев ми беше понудено да останам во клубот како тренер, што јас прифатив. Имав голема среќа затоа што почетокот на мојата тренерска кариера се совпадна со доаѓањето на Лино Червар во Металург. Червар е тренер, кој исклучително го ценам и сите тие години додека беше дел од клубот учев од него, се советував со него, ги следев неговите тренинзи и според мене тој е еден од најдобрите тренери. Многу е оспоруван и мислам дека и во Македонија не го цениме многу иако сметам дека направи многу за македонскиот ракомет. И во Хрватска постојано го прозиваат и покрај фактот дека има освоено голем број на медали со националниот тим. Лино го сметам за мој ментор и системот кој тој го наметна во Металург го прифатив и работам според него и го спроведувам и во сегашниот клуб. Среќен сум што можам да ја работам работата која најдобро ја познавам и најмногу ја сакам, а и при тој процес да учам од еден од најдобрите“, потенцира Александар Јовиќ.
Јовиќ цела деценија се градеше како тренер во Металург, се до 2018 година, кога се раздели со клубот.
„За Металург можам да кажам се најдобро, од спонзорот Минчо Јорданов, кој направи многу за тој клуб, преку Ристо Чокрев како поранешен претседател, кој направи многу за мене и како играч, но и како тренер, па и за сите негови наследници кои ми дадоа можност да напредувам во тој клуб. Во сезоната 2017/2018 кога Лино замина за Хрватска, останав сам како тренер на првиот тим, но имавме огромен успех и како млада екипа ги реализиравме сите цели кои беа поставени за таа сезона. Со Јорданов имаше и заеднички интерес за продолжување на соработката, но се случи една друга ситуација, надвор од спортскиот терен каде Данило Брестовац беше ’протуркан’ од некои повисоки структури. По тоа не сакав да останам во еден клуб каде првиот тренер, по моја лична проценка, е со послаб квалитет од мојот и поради тоа се разделивме со Металург. Стевче Алушовски, кој ми е кум веќе ја имаше својата Академија, која во Скопје беше на добар глас и добро функционираше. Имавме еден убав концепт и благодарение на Зоран Стерјев кој индиректно вложуваше во школата потоа и се случи Стевче да добие шанса во Еурофарм Работник, потоа и јас да добијам тренерска функција во Еурофарм Пелистер 2.“
СО ТРПЕЛИВОСТ И ПОСВЕТЕНОСТ СЕ СОЗДАВААТ МЛАДИ ИГРАЧИ
Целата своја тренерска кариера Јовиќ ја насочи кон создавање на млади ракометари. Колку е тешко или лесно да се создаде млад играч?
„Тоа е макотрпна работа, пред се мора да се сака тоа. Кога ќе стапнам на ракометниот терен се трансформирам во друга личност, можам да работам и работам од четири до шест часа во сала, тренирав две – три генерации и за да се создаде млад играч потребна е голема посветеност и трпеливост. Македонија имаше голем вакум кога се младите играчи во прашања и од онаа генерација која го освои четвртото место на ЕП во Полска, долго време не се посветуваше внимание за работа со млади играчи. Металург го смени тоа и со доаѓањето на Червар, постави еден системот како клуб и мислам дека тој најмногу е заслужен што ние сега имаме некоја плејада на играчи. Позитивно е што и Вардар во тие златни години кога ги направија најголемите резултати на европско ниво доста време посвети на младинските категории. Сега се повеќе клубовите посветуваат внимание на младите, би го издвоил КЛ7 – одлична, млада, перспективна екипа, а ниту другите клубови не заостануваат со шанса за млади играчи.“
Сепак стратегот главниот проблем го гледа во две работи – системот и стручниот кадар.
„Проблем е што немаме квалитетен стручен кадар кој ќе работи со тие млади категории. Според мене за да се работи и да се создаде еден играч потребен е процес од четири до шест години. Нашите тренери не се трпеливи и сакаат да се исфорсира тој процес, а за еден добар тренер и еден добар работник кој создава играчи треба да се има ентузијазам, големо знаење и огромно трпение и дека се треба да оди чекор по чекор, се што е избрзано не дава резултат. Исто така мора да се направи добар систем за натпреварување во млади категории. Македонија е мала држава, најдолго патување од точка до точка e два часа, а нас лигата ни е поделена на четири региони. Тоа можам да го разберам единствено за пионерска конкуренција, за да се намалат трошоците, но кадетска и младинска конкуренција мора да е на ниво на професионализам. Потребно е тие играчи да имаат квалитетни натпревари, само така може да напредуваат. Тука е големата замка, во таков ограничен систем на натпреварување тренерите не можат да го видат вистинскиот квалитет на играчите, а истовремено играчите не можат да научат како се игра натпреварувачки. Тие тоа го учат кога ќе дојдат во сениорска екипа, а таму не може тоа да се учи, во сениорска екипа влезен си во еден систем во кој играш и даваш, тренерот ако ти даде шанса ти мораш да ја искористиш. Затоа мора да се вратиме назад и да направиме квалитетна кадетска, младинска лига. Ако треба таа лига да биде од осум клуба мора да им се наложи на сите Суперлигаши да имаат екипи во тие категории, па затоа и постои овој ваучер систем. Треба да се стремиме да имаме квалитетни лиги во помлади категории, и верувам дека секој клуб од ваучерот може да одвои 10-15 посто за развој на млади играчи.“
ИГРАЧИТЕ СЕ ПРАВАТ ВО КЛУБОВИТЕ, А СЕ ПРОМОВИРААТ ПРЕКУ РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА
Александар Јовиќ е меѓу првите наши стратези со Мастер коуч лиценца, кој имал и селекторски ангажман со машката пионерска и кадетска репрезентација, односно истата онаа генерација која потоа на СП во Алжир 2017 година го постигна најголемиот успех – шестото место. Тоа беше екипа, која функционираше како клуб – репрезентација, со оглед на тоа дека Јовиќ ги водеше од Академијата на Металург, преку Металург Јуниор, па се до првиот тим.
„Не си ги препишувам како мои играчи, само сметам дека има и моја мала заслуга во она што се денес. Во прв план тоа му го препишувам на Металург како клуб што ги постави работите така како што беа поставени, ангажираа тренери, Червар беше ментор, доаѓаше и тој на тренинзи, следеше, советуваше и системот кој го постави Металург ги даде резултатите. Јас бев селектор на кадетска репрезентација со која преку квалификации обезбедивме пласмна на ЕП 2014 Полска, а потоа со истата генерација игравме квалификации и пласман на ЕП 2016 за младинци во Данска. На тоа првенството завршивме на претпоследно место со само една победа и можеби тоа е причината што ме тргнаа од селекторското место и дојде Илија Темелковски. Потоа таа иста генерација тој ја водеше на СП во Алжир во 2017 година каде освоија шесто место. Созреа генерацијата, а и Ико е таличен (се смее), тој и претходно го има најголемиот успех со еден национален тим, четврто место на ЕП 2004.“
И токму ова му дава за право да коментира за тоа како се поставени во македонскиот ракомет при процесот на созревање на играчите.
„Играчите не се прават во репрезентација, тие се прават во клубови и ние, сите клубови, мора да имаме добра комуникација со селекторот и селекторите на помладите категории, да бидеме координирани и да си помогнеме првенствено на себе си, па на селекторот, и на цела репрезентација и на тие играчи. Мора да постои комуникација, тие играчи се цела сезона кај нас, додека во репрезентација се една недела или ако има некое првенство максимум месец дена. Поради тоа мора да ја има таа соработка. Добар систем во комуникација на тренери. Имаме многу тренери, но немаме квалитетен стручен кадар и немаме систем како треба да се работи од – до… со почетници, кадети, пионери, младинци. Да се знае точно процесот кој мора да се мине и да знае сè, за кога од младинска ќе влезе во сениорска екипа ракометарот да биде готов производ. Факт е дека сите тренери се трудат и се образуваат, но тоа останува само на хартија, не се применува на терен. Според мене потребно е да се направи еден национален систем, да се соберат повеќето тренери да се направи семинар со видео материјали, со пренесување на искуство (од членовите на стручниот штаб на националниот тим) и да се дефинира што и како треба да се работи. Во склоп на тренерска организација не сме дојдени до тоа ниво и сите тренери работат на своја рака, а тоа не е добро. Потребно е тоа да се унифицира тренерската визија за развојот и на машкиот и на женскиот ракомет. Поентата ми е дека база и основа на создавање на играчи се клубовите, а преку репрезентација се претставува она најдоброто кое го имаме.“
МОРА ДА СЕ ПОСТАВАТ ГРАНИЦИ МЕЃУ РАКОМЕТНА ШКОЛА И КЛУБ
„Во Македонија имаме многу ракометни школи кои функционираат на база на чланарина и потребно е да се разграничи што е ракометна школа, а што ракометен клуб. Школата може да функционира до некоја пионерска возраст, бидејќи тие обезбедуваат максимум три тренинзи неделно, додека во повозрасните категории ако се стремиме кон создавање на играчи потребни ни се пет до седум тренинзи неделно од рана возраст да се влезе во квалитетен тренажен просец, кој потоа ќе ни даде готов производ. Да се направи систем, тренажен процес и натпреварувачки. Ако ги поставиме тие два системи ние нема да имаме проблем. Играчите ќе излегуваат сами од себе. Јас да можам би направил Комисија и ако некој тренер не се придржува кон системот и работата која е договорена да му се одземе лиценцата. Мора да се стави ред, немаме ред тоа е најголемиот проблем според мене!“
ЛАЗАРОВ ЗАСЛУЖУВА КОМПЛЕТНА ДОВЕРБА
Јовиќ јасно го искажува незадоволството од поставеноста на работите во македонскиот ракомет кога станува збор за младите категории, но верува во подобри денови и ввели дека имаме и перспектива и иднина со Кирил Лазаров како лидер.
„РФМ со назначување на Кирил Лазаров како селектор направи одличен потег. Можеби двојната улога селектор – играч на сите ни е чудна, но гледаме дека добро функционира. Кире има огромна заслуга за она каде е ракометна Македонија сега, го знам, сум бил и играч и соиграч со него во Загреб и низ репрезентација, знам што сè не правеше за ние да имаме квалитетни услови за работа во тоа време. Ова сега е друго време и заслужено ја доби довербата, за играч сметам дека е еден од најголемите професионалци, кој 24/7 го живее ракометот и има осет и знаење за она што ќе го работи за една година. Мислам дека направи добар тренерски тим околу него. А, имаме и иднина, особено во генерацијата 2002/2003 има голем ростер со многу квалитетни играчи, има огромен потенцијал, но со правилен начин на работа верувам дека имаме иднина.“
ТАЛЕСКИ И КУЗМАНОВСКИ ИЗБРЗАА СО ТРАНСФЕРИТЕ ВО СТРАНСТВО
Неизбежно прашање за Јовиќ беше, која според него е причината што Талески и Кузмановски од најголеми надежи, им се случи период на стагнација?
„Главниот проблем според мене е што прерано отидоа во странство. На 20 години и тоа во клубови кои имаат големи амбиции. Повторно се враќаме на тоа, ти си млад играч и не може тебе екипа која брка резултат да те чека. Талески од најдобар стрелец во Металург, не ни играше во РНЛ, а играч без натпревари не може да напредува. Не беа зрели како личности, а второ не беа зрели ниту како играчи. Според мене во странство пред 24-25 години не треба никој да оди, потребно е да го мине процесот на созревање. На последните натпревари за репрезентација покажаа дека се создава нешто ново и мислам дека е прашање на време кога ќе го покажат она вистинското. Ние мора да бидеме и реални, пласман на големо натпреварување за нас е успех. Нашите амбиции се секогаш преголеми од реалните можности, но како генерација за година-две, кога ќе се повлечат поискусните и кога ќе бидат оставени сами на себе ќе се покажат во поинакво светло. Според мене концептот на Брестовац беше катастрофален, нас ни треба класичен среден бек како Миркуловски и малиот Ѓоргиев мислам дека е вистинското решение, одличен е.“
ВО БИТОЛА НЕМА ФОЛИРАЊЕ – ТАМУ САКААТ И ЗНААТ РАКОМЕТ
Целото свое искуство Јовиќ сега го пренесува во Еурофарм Пелистер 2. Дека добро си ја работи работата потврда е продолжувањето на договорот, но и „трансферот“ на Дарио Петровски и Цветан Кузмановски во првиот тим.
„Червар секогаш ме советуваше (тоа беше негова визија) дека одбраната носи резултат, јас тоа го применувам сега и мислам дека Еурофарм Пелистер 2 игра една специфична одбрана за нашите простори. Заедно со Александар Зарков, кој го сметам за еден од најдобрите играчи што играше во таа одбрана зонска формација 3-2-1, која ние сега ја форсираме. Работиме заеднички и имаме пофални зборови од сите за таквата тактика. Се обидуваме да го вратиме она што е наше. Според мене таквата одбрана беше заштитен знак и на Хрватска и на Србија и во Македонија многу се играше се додека не почнавме да копираме од данска, француска, шпанска школа… Според мене 3-2-1 е одлична одбрана и противникот треба да знае како да ја пробие таквата одбрана. Проблем е што таквата одбрана бара многу од еден играч, а нашите ракометари се мрзливи (се смее) има многу движење, дуели, но мислам дека на добар пат сме и со Зарков и тимот ќе бидеме упорни за да покажеме дека може да се игра таа одбранбена формација.“
„Целите кои ги имавме како екипа за оваа сезона се исполнети, пласман во плеј-офот, каде со сите рамноправно се носиме и никој не не надиграл. Со тоа дојде и продолжувањето на договорот. Задоволството од меѓусебната работа. Во Битола добив можност како самостоен тренер да покажам колку знам и што имам научено од мојот ментор Лино Червар. Како тренер уживам во Битола ги имам сите можни услови за квалитетна работа и Битола според мене е најракометен град во Македонија. Тука нема фолирање, или те бива како играч, или како тренер и за тоа ќе ти дадат поддршка или ако нешто не е како што треба ќе добиеш големи критики. Вреди одново да заживее! Тука го сакаат ракометот, го познаваат, а тоа се гледа со години наназад затоа што Пелистер како клуб и Битола како град произвела најголем број на квалитетни ракометари и ги лансирана во европски ракомет. Клубот дава голема стабилност, затоа што не се скокаат скалила, не се брза, претседателот Стерјев сака чекор по чекор да расте клубот и да има иднина.“
„ЧКЕМБАРИ“ ОДЛУЧИЈА – ОД ДЕНЕСКА СИ НАШ!
Долга историја го врзува Јовиќ со Битола и како играч на Пелистер со кој освоил двојна круна, но и како голем ривал на битолските „зелени“ во дресот на Борец, Јафа, Вардар… се додека по еден репрезентативен настап „Чкембари“ не го прифатиле како нивен.
„Со Битола и како играч ме врзуваат убави спомени. Паметам какви дерби натпревари сум играл против Пелистер… Тоа беше секогаш тешко гостување, со по пет-шест илјади публика на трибини, а и ние на крилни позиции секогаш бевме туширани (се смее). И со Борец и со Јафа победувавме во Битола, но после натпревар беше страшно. Но, како репрезентативец игравме Македонија со Унгарија некои квалификации во Битола и јас имав одличен натпревар, постигнав шест гола од шест обиди. Тогаш главните ’Чкембари’ ми рекоа од денеска ти си наш, нема повеќе да те плукаме (се смее) и така и беше, немав никакви проблеми потоа.“
ВО СПОРТОТ НЕМА КРИЕЊЕ
Тренерот на Еурофарм Пелистер 2 смета дека во спортот секој сам одлучува во која насока ќе му оди кариерата и се зависи од тоа колку ќе даде.
„Потребно е да ги вратиме вредностите во спортот. Им велам на играчите немојте да фаќате врски за да играте, ако го правите тоа побарајте тренерот да остане час, два повеќе на тренинг, дополнително и да работи со вас, да проба да го извади максимумот од вас. Затоа што спортот е една работа каде што нема криење. Во една фирма или корпорација може да има врски и може да те покрие некој друг поспособен од тебе, а ти си тука ’клати врата, земај плата’. Во спортот тоа го нема, ти си на излог, те гледа публика, тренер, јавност и нема криење, она што си го сработил, ако си го сработил како што требало, треба да дојде до израз еден ден, во спротивно… Многу вложувам труд, не ми е тешко, работам и дома, правам анализи, гледам многу натпревари, ретки се тие што можат да издржат по четири-пет часа во сала, јас останувам и повеќе. Барам многу и очекувам фит-бек од играчите. Реков играчите се мрзеливи и тоа е природно и нормално, затоа што секој човек создава некој вид на одбранбен механизам. Но со денешната технологија имам начин да им доловам и најситни детали, да ги анализирам и да им покажам дека не се во право за некои работи.“
Александар потенцираше дека играч се станува со процес од четири до шест години, но сепак на полусезона остана без двајца млади ракометари.
„Таква беше ситуацијата, тренерот Бабиќ во еден момент се најде во незавидна ситуација, имаше повредени играчи и Дарио Петровски и Цветан Кузмановски му беа потребни. Сега тие се дел од првиот тим иако не добиваат сега минутажа. Реков дека не треба брзање, потенцијалите не смее да се префрлаат прерано. Сметам дека Еурофарм Пелистер 2 е клуб со сите можни услови, кој се натпреварува во Суперлигата и подобро е потенцијал кој ветува да остане година – две, да игра да се усовршува, отколку да оди во прв тим каде нема да биде во состав, ќе има минимална минутажа. Тренингот е важен, но играч се станува преку натпревари. Кога ќе се влезе во прв тим потребно е тој да биде готов играч, мораш да бидеш готов играч затоа што таму нема чекање, зборувам за клубови кои играат СЕХА лига, Лига на шампиони или други европски купови, бараат титули и затоа мора да бидеме внимателни во тие работи. Ние како клуб ќе успееме кога сите талентирани играчи, каде и да се појават во Македонија, ќе сфатат дека во Битола можат да го добијат најдоброто за нивниот развој на кариерата е тогаш мислам дека сме направиле добра работа.“
Кој е твојот фит-бек од сета оваа работа и каде мислиш дека ќе те однесе твојата тренерска визија во иднина?
„Првенствено ова го сфаќам како работа, не барам признанија и благодарници. Најголемиот кејф и мерак ми е кога ќе видам дека некои играчи кои на 12 години сум ги тренирал прераснале во успешни играчи во македонската лига и надвор од неа. Тоа ми е најголема сатисфакција. Го сакам ракометот, го живеам ракометот и вложениот труд за сите овие години ми се враќа. Си имам поставено некои цели и не се брзам, знам дека ракомет ќе работам до крајот на животот. По природа сум смирен, гледам се, не реагирам на прва топка и мојата најголема предност е што не брзам никаде. Дали ќе добијам шанса да бидам прв тренер на некоја екипа, да бидам селектор на Македонија, со тоа не се оптоварувам, ако ја добијам шансата подготвен сум да ја искористам, но и да не добијам никогаш таква шанса нема да бидам незадоволен. Ќе си го работам моето и ќе бидам задоволен со тоа што ќе ги гледам моите играчи како се успешни во своите кариери.“