Има 43 години и не размислува за пензија: Ќе дадам сѐ од себе за повторно да бидам на терените!

Голманката на Шпанија, Силвија Наваро, која неодамна беше оперирана, откако на Европското првенство ги скина лигаменти на коленото, во интервју за шпанскиот портал ,,as.com”. изјави дека нема намера да ја заврши својата кариера.

Наваро истакна дека теренот во спортскиот центар ,,Морача” во Подгорица каде што нејзината репрезентација ги играше натпреварите од групната фаза не бил прикладен за игра.

„Ќе дадам сѐ од себе за да се вратам на терените. Не можам да си го замислам животот без спорт. Мислам дека не би било убаво да се збогувам од ракометот. По операцијата, докторот рече дека имам големи шанси добро да се опоравам. Мислам дека теренот на ЕП не беше идеален за игра. Покрај мене, слични повреди заработија уште две мои колешки, голманката Мерцедес Кастељанос и средниот бек Алисија Фернандез. Наскоро ќе одам на рехабилитација согласно препораките на лекарите. Бидете сигурни, ќе дадам сѐ од себе за следната сезона да се вратам на теренот и повторно да заслужам повик од селекторот на шпанската репрезентација”, изјави Наваро за шпанскиот портал ,,as.com”.

43-годишната голманка беше дел од сите подеми и падови на шпанската репрезентација.

Шпанија на  Европското првенство 2022 кое се играше во Црна Гора, Македонија и Словенија не забележа голем успех и континенталниот собир го заврши на 9. позиција.

Тешка повреда за највозрасниот играч на ЕП, го заврши настапот по само еден меч!