Српскиот шампион Војводина на првиот четвртфинален дуел од регионалната СЕХА лига доживеа убедлив пораз од Вардар со 13 гола разлика, 38:25.
Помошниот тренер на Војводина, Драган Кукиќ истакна дека поради односот на силите, резултатот е очекуван.
,,Настапивме со подмладен тим, бидејќи имаме згуснат распоред во домашното првенство и во европските купови. Затоа денеска не можеме да бидеме повеќе од рамноправен противник. Физички не можевме да дојдеме со најсилниот тим бидејќи синоќа имавме меч дома. Квалитетот на Вардар во однос на овој на Војводина е огромен. Ова е огромно искуство за овие млади играчи. Игравме мечеви со Нексе и Еурофарм Пелистер. Се обидуваме да добиеме некои играчи низ овие мечеви. Нема што да им замерам за играта”, изјави Кукиќ.
Асистентот на Борис Ројевиќ се осврна на играта на младите играчи, кои се покажаа во солидно светло во СЦ ,,Јане Сандански” и посочи дека за нив дуелите од регионалното натпреварување се големо искуство за во иднина.
,,Во овој состав има играчи од 2004, 2005, и 2006. Оваа арена досега ја гледале само на ТВ. Башка има и публика, која доаѓа на ваков дуел на подмладена Војводина. Некои од играчите не знаеја каде се наоѓаат. Ова е за нив нешто големо. Некои се снајдоа, некои не. Огромен квалитет на Вардар. Мислам дека и за реваншот ќе играме со ваков состав. Играме полуфинале на европски куп, имаме амбиција да играме во финале, тоа досега не му успеало на српски клуб. Сакаме како клуб да се насочиме да одиме во тоа финале и да го подигнеме ракометот. Ќе се обидеме да пружиме малку подобра игра во реваншот”, заврши Кукиќ.
Најискусниот во тимот на Војводина, Александар Курташ беше импресиониран од атмосферата во СЦ ,,Јане Сандански”.
,,Му честитам на Вардар. Секој збор би бил вишок. Имаат одлична публика и е привилегија да се игра во таква атмосфера. Голема е разликата , но во многу сегменти бевме доста добри. Драго ни е што Вардар не не потцени, туку дека играа во најсилен состав што покажува дека и ние имаме свој квалитет”, изјави Курташ.
Реванш дуелот меѓу Војводина и Вардар ќе се одигра на 11 април во Нови Сад.