Најдобриот македонски ракометар кој зад себе има бројни трофеи и рекорди, Кирил Лазаров по завршувањето на играчката кариера во Нант, седна на клупата на новиот македонски суперлигаш Алкалоид.
Таквата можност беше најавена од 24Ракомет уште пред два месеци, но иако клубот се уште нема направено официјална промоција ниту на новиот тренер Лазаров, ниту на засилувањата, тие се веќе дел од подготовките.
Овој клуб ги започна подготовките за новата сезона во Автокоманда во петокот, а во рамките на подготвителниот период ќе игра на турнирот во Струга и на турнир во Србија кон крајот на август.
Покрај тренерот Лазаров, кој во исто време ќе продолжи да ја извршува и селекторската функција во сениорската репрезентација, Алкалоид донесе уште петмина македонски репрезентативци.
Станува збор за голманот Благојче Трајкоски, пивотот Никола Маркоски, како и бековите Михајло Младеновиќ, Едвин Омерагиќ и Марко Митев. Добија и засилување во стручниот штаб, искусниот Јане Цветковски, кој ќе работи со голманите.
Алкалоид ќе игра во групата А од Суперлигата со Вардар, Куманово, Вардар Неготино, Охрид, Струга, Прилеп и Бутел Скопје.
ТРАНСФЕР БОМБА: Кирил Лазаров ќе биде нов тренер на Алкалоид