Белорускиот лев бек Глеб Гарбуз беше на проба минатото лето во македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер, но не потпиша договор. Тој дури и одигра еден пријателски натпревар со унгарскиот ПИК Сегед и беше најдобар стрелец, но сепак се реши да замине во швајцарскиот Криенс Луцерн.
Иако од страна на „фармацевтите“ веднаш му бил понуден договор, на Белорусинот не му се допаднале инфраструктурните услови во Битола.
„Сакав многу бргу да најдам клуб. Заминав во Македонија во Еурофарм Пелистер. Таму веднаш ми понудија договор. Но се зачудив од условите во Битола. Не зборувам за финансиските, туку за инфраструктурните“, вели Гарбуз за рускиот „Брз Центар“.
По трансферот во швајцарскиот клуб, Гарбуз (кој патем има настапувано за СКА Минск, Мотор Запорожје, Нева Санкт Петербург, Динамо Минск) се чини дека се пронајде себе си.
Тој е најдобар стрелец во швајцарскиот шампионат со 163 постигнати погодоци, пред играчи од типот на Бо Спелеберг и Жарко Шешум.