Ракометарите на Еурофарм Пелистер на свој терен беа поразени од Мотор Запорожје со 27:25 и го завршија настапот на европска сцена за оваа сезона. Екипата на Мотор успеа да го надигра домаќинот и со минимална победа си обезбеди место во осминафиналето од Лига на Европа. На македонскиот претставник на оваа средба му одговараше и нерешен резултат.
Битолскиот тим имаше лош почеток и негатива од 3:0 во воведните минути. Првиот гол за домашниот табор го постигна кружниот напаѓач Василев, намали на 3:1, потоа Костески реализираше за минус еден гол негатива, 3:2, но Мотор преку Денисов повторно дојде до ,,плус два” 4:2. Оваа разлика од два гола, која ја одржуваше екипата на Мотор, беше константна во првите десет минути.
Ракометарите на Валтер за тој период имаа пет промашени удари, додека гостинот само еден. Сепак, по водството на Мотор од 7:5, македонскиот вицепрвак во 12 минута со двата гола на средниот бек Танкоски за првпат дојде до израмнување, 7:7, а минута подоцна Суси реализираше за прво водство на домаќините од 8:7.
Мотор повеќе од осум минути беше во криза, без постигнат гол, но тимот на Еурофарм Пелистер не искористи да направи дополнителна предност. Пелистерци се одлепија на 10:8 и имаа период во кој успеаја да бидат подобриот противник на теренот. Главниот стрелец на Мотор, Игор Турченко беше најголемата закана за домаќините, младиот ракометар го одржуваше својот тим во живот.
Иако Еурофарм Пелистер водеше со 11:9, мотивираните ракометари на Мотор направија серија од 4:0 и го свртија резултатот во своја полза, поведоа со 13:11. Во последните минути од првото полувреме домаќините се вратија во игра и израмнија на 13:13. Мотор Запорожје за една минута постигна два брзи гола и на пауза замина со предност од 15:13.
Продолжението започна со гол на гостинот, така што Мотор во еден момент дојде до предност од 16:13 и 18:14. Веќе во редовите на Еурофарм Пелистер се чуствуваше притисокот за камбек во дуелот. Домашниот тим со погодоците на Танкоски и Кисум намали на 18:17. Серијата од 3:0 на домаќините беше прекината со голот на Турченко, кој во 40 минута зголеми на 19:17.
Еурофарм Пелистер намали на 20:19, но како да подзастана во еден момент и му дозволи на Мотор да се одлепи на 22:19. Составот на Мотор не погоди во неколку напади и тимот на Валтер успеа да се доближи на 22:21. Мотор во финишот влезе со со предност од два гола разлика, 24:22 и во последните осум минути одржуваше дистанца од еден до два гола позитива.
Кај Еурофарм Пелистер одлична партија одигра Марио Танкоски, постигна девет гола од десет обиди. Во победничката екипа се истакнаа Игор Турченко со седум и Дмитро Хориха со пет погодоци.
Валтер: Тажен и разочаран сум, промашувавме во одлучувачките моменти