Европската ракометна федерација направи хаос со календарот за натпреварите од главната рунда на Европското првенство во Данска.
Сега некои репрезентации ќе мора да играат ден за ден, два меча за помалку од 24 часа, а потоа ќе имаат четири дена одмор, додека некои ќе имаат три дена одмор по првата фаза, а потоа во четири дена ќе ги чекаат три меча.
Сето тоа ќе беше во ред ако ЕХФ ја почитуваше првичната шема објавена пред стартот на ЕП, но веројатно некои држави имаат посилно лоби, а за ЕХФ и ТВ правата се поважни од здравјето на ракометарките.
Француската федерација побара одложување на средбата со Русија, која треба да се игра во петок од 18:15 часот, бидејќи во четврток ќе играат со Шпанија од 20:30 часот, но тоа беше веднаш одбиено од ЕХФ.
Хрватите исто така беа шокирани од ваквата одлука за промена на распоред во последен момент.
„Што да кажам. Одам да спијам и знам дека играме во сабота, но се разбудив денеска и ми кажуваат дека играме утре. Не знам навистина што да кажам, но знам дека оваа ситуација не треба да не исфрли од ритамот во кој што сме и мораме побрзо од предвиденото да се подготвиме за тоа што не очекува“, вели селекторот на Хрватска, Ненад Шоштариќ за Спортске Новости.