Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 по поразите во претходните две кола, денес на свој терен беа подобри од екипата на Голден Арт, со резултат 25:21 (13:10), во натпревар од 11. коло од Суперлигата. Клучен фактор за денешната победа на Еурофарм Пелистер 2 беше пресвртот кон средината на првото полувреме кога домаќините при негатива од 5:4, направија серија од 6:0, се одлепија на 10:5 и сѐ до последната минута беа во предност од четири до пет гола разлика.
Гостите од Скопје, кои во Битола допатуваа драстично ослабени, без Гајиќ, Дрпљанин и Јакиќ, го стартуваа натпреварот како што може да се посака и со погодоците на Рајатовски и Даев, поведоа со 2:0, потоа имаа и 3:1. Избраниците на Јовиќ по кризниот период во воведниот дел фатија ритам и дојдоа до израмнување на резултатот 3:3. Повратникот во македонската елита уште во два наврати беше во водство, а од средината на првиот дел, па сѐ до паузата, младите ,,фармацевти” беа подоминантни.
Откако Голден Арт водеше со 5:4, домаќините со одлично расположените Буторац и Талевски направија одлична серија од 6:0 и во 20 минута ги имаа дотогаш највисоките пет гола разлика, односно водство од 10:5. Голден Арт речиси десет минути беше без постигнат гол и кризниот период во гостинскиот тим го прекина Гучески за намалување на негативата на 10:6.
Домаќините во последните десет минути имаа резултатска предност од четири до пет гола разлика, но гостите во самиот финиш од првото полувреме се подобрија, заиграа поцврсто во одбраната и намалија дел од негативата. По 30 минути игра, резултатот беше 13:10 во корист за ракометарите на Јовиќ.
На почетокот на вториот дел, во 32 минута црвен картон заработи членот на Голден Арт, Марко Трајковски поради груб старт на Мартин Ивановски. Еурофарм Пелистер 2 бргу се одлепи на 17:11 и лесно се справуваше со упорниот гостински состав. Како одминуваше времето Еурофарм Пелистер 2 рутински ја одржуваше предноста од шест гола разлика, имаше и 23:16 во 50 минути и во последните десет минути немаше поголема промена на резултатот.
Најефикасен во победничката екипа беше Стефан Талевски со шест гола, додека по пет реализации имаа Дејан Куколовски, Петар Атанасијевиќ и Андре Буторац. Во поразениот табор се истакна Мице Шилегов со шест гола.