Еурофарм Пелистер 2 броеше до 40 против Јехона, одлично деби за Петровиќ

Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 имаа лесна задача во Купот на Македонија и остварија рутинска победа на домашен терен против прволигашот Јехона со убедливи 40:19.

Избраниците на Александар Јовиќ максимлано влегоа во натпреварот и од почеток започнаа да ја градат позитивата. Поведоа со 5:1, а потоа беше и 10:4. Јехона и покрај сите обиди немаше сили да пружи поголем отпор на фаворитот.

Еурофарм Пелистер 2 имаше десет гола позитивна при резултати 16:6, но во финишот на првиот дел Јехона успеа да намали на 17:9 што беше резултат на паузата. Во второто полувреме продолжи доминацијата на битолскиот тим, разликата постојано растеше и достигна огромни 21 гол на крајот на дуелот.

Најновото засилување за Еурофарм Пелистер 2, Павле Петровиќ имаше одлично деби и постигна седум гола со што беше прв стрелец во екипата. Втор стрелец во домашниот тим беше Христијан Митревски со пет гола. Во тимот на Јехона најмногу се истакна Деан Дукоски со осум погодоци.