Македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер и со комбиниран состав го надигра Радовиш на домашен терен и славеше со убедливи 36-23. Победникот на дуелот од 11 коло беше решен уште по првиот дел, кога момците на Ларс Валтер водеа со 20-12.
Ова беше победничко загревање за важниот дуел за пелистерци што ги чека во вторник од Лигата на Европа со германскиот Фуксе Берлин.
Танкоски, Стоилевски, Сери…беа расположени за игра во првиот дел, додека гостите не можеа да одговорат. Битолчани водеа и со 11 погодоци разлика, 18-7, но до паузата радовишани успеаја да намалат дел од негативата.
Во вториот дел само рутински беше одработена задачата и тренерот на Еурофарм Пелистер им даде шанса на Кузманоски и Ѓорговски, а во финишот три гола даде и Пешевски.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Стоилевски со седум и Пешевски со шест гола, додека кај Радовиш се истакнаа Вјештица и Органџиев со по шест погодоци. Во следното коло Еурофарм Пелистер игра дома со Јуниор КВ, а Радовиш гостува кај Голден Арт.