Македонскиот претставник во рамки од Лига на Европа, Еурофарм Пелистер, за натпреварот против Татабања во Унгарија, нема да може да смета на услугите на тројца ракометари.
Во Битола останаа бековите Рение Табоада, Мартин Велковски и Немања Обрадовиќ, кои веројатно ќе бидат подготвени за последната пресметка во групата против шампионот на јужниот сосед, АЕК Атина.
Избраниците на Жељко Бабиќ на гостувањето кај унгарскиот тим нема да одат со бело знаме, бидејќи имаат голема шанса да го освојат првото место во Групата Д, што ќе ги донесе Ла Риоха или Горење за ривал во осминафиналето.
Првата пресметка меѓу двете екипи, која се одигра во Битола, заврши со убедлива победа на „фармацевтите“ од 33:20. По осум одиграни кола, Еурофарм Пелистер моментално се наоѓа на второто место во својата група со 10 освоени бодови.
Натпреварот меѓу Татабања и Еурофарм Пелистер ќе се одигра утре, со почеток од 18:45 часот, а судиите доаѓаат од Косово – браќата Витаку.