Европската ракометна федерација ги објави службените резултати од натпреварите кои што беа одложени, а не можеа да се одиграат до предвидениот рок 2 март во Лигата на Европа.
Македонските претставници имаа само по еден одложен меч. Еурофарм Пелистер доби триумф од 10-0 против бундеслигашот Рајн Некар Левен, додека со истиот резултат е регистриран и мечот на Металург против францускиот Тулуз.
Германците и Французите поради строгите ковид правила во нивните земји не можеа да гостуваат во Македонија, па ЕХФ им ги додели бодовите на нашите екипи.
Во групата на Металург, службени 10-0 оствари и Чеховски Медведи против Тулуз, додека во групата на Еурофарм Пелистер, швајцарскиот Кадетен Шафхаузен доби бодови од пресметката против Тримо Требње.