Екипата на Еурофарм Пелистер со пораз се враќа од гостувањето во Данска откако во последните минути од натпреварот не успеа да ги искористи шансите за погодок, па претрпе минимален пораз од 29:30.
Од почетокот на средбата се виде дека тимот на Еурофарм Пелистер има свои шанси на ова гостување, но дека ќе мора да се одиграат 60 минути на високо ниво и максимално концентрирано.
Првото водство беше за тимот од Битола, кој имаше 2:0 и 4:2. Сепак, и домашните имаа што да покажат и имаа свои минути на теренот. Брзо се вратија и го свртеа резултатот во своја корист. Успеаја да одиграат подобро и набрзина да дојдат до водство од 5:4, а потоа следуваше игра во која имаше израмнетост на двете страни.
И во продолжение од натпреварот имаше ист тек. Кога и да дојдеше некој тим до предност од гол или два следуваше реакција од противникот, па повторно беше нерешено. Таквата игра беше актуелна до крајот на првото полувреме за нерешени 14:14 на паузата откако Танкоски реализираше на две секунди пред заминување на одмор.
Вториот дел не донесе ништо ново. Речиси со идентичен тек како поголемиот дел од првото полувреме се играа и вторите 30 минути. Немаше ништо непредвидливо на теренот така што можеа да се следат многу погодоци.
И двете екипи како да имаа повеќе внимание насочено на играта во нападот, но никој не успеваше повторно да направи поголема предност. Домашните тргнаа подобро, но Еурофарм Пелистер се врати и на средина од второто полувреме го сврте резултатот односно почна да го диктира темпото. Во 48. минута имаше два гола плус, 23:21, но не издржа и дозволи ГОГ Гудме одново да се врати во игра.
Таквата игра траеше до 56. минута кога конечно после еден одбранет напад, Мандалиниќ со цепелин донесе предност од 29:27. На овој резултат попушто концентрацијата, а во нападот не беа искористени шансите. Следуваа три напади без реализација, а примени три гола така што победата остана за ГОГ Гудме.
Битолчани немаа доволно среќа и со пораз се враќаат од првото гостување во Лигата на Европа.
Мандалиниќ ја покажува класата – со „вртенка“ го почести ГОГ (ВИДЕО)
Трајкоски е мајстор за зицери – три пати ги запре Данците (ВИДЕО)
Танкоски ја „измеша“ одбраната и погоди во голот на Гудме (ВИДЕО)
Проектилот на Мараш од десетина метри ги стресе Данците (ВИДЕО)