Еурофарм Пелистер ги одмери силите со АЕК по вторпат

Екипите на Еурофарм Пелистер и АЕК одиграа втор натпревар во Атина, а овој пат за разлика од првиот дуел немаше семафор туку само можност за тренерите на двете екипи да успеат да ги проверат квалитетите на ракометарите на уште еден дуел.

И двата состави одработија според планот, па останува сега на тренерите да анализираат и да видат до каде се со темпирањето на формата за она што следува кога ќе стартува главниот дел од сезоната.

Шанса да играат добија сите ракометари, а после ова битолчани се враќаат дома и продолжуваат со подготовките. Сосема извесно е дека ги очекува период во кој ќе можат само да тренираат бидејќи за официјални натпревари ќе мора да почекаат до октомври.

Инаку, ова беше втора средба во три дена за овие два тима. Претходно во неделата го играа последниот натпревар на турнирот кој беше во организација на тимот на АЕК. На истиот составот на Еурофарм Пелистер загуби со два гола разлика, 29:31.

Практично од петокот до денес одиграа четири средби така што немаше можност за многу одмор.