Екипата на Еурофарм Пелистер влезе во одлична серија, па после неколкуте победи во Лигата на Европа забележа триумф и во СЕХА лигата против Татран Прешов со 28:16 со што на најдобар може начин го финишираше февруари.
Гостите беа тие кои подобро отворија денеска. Направија брзо два гола разлика и имаа предност до 17. минута. Тогаш водеа со 5:3, а тука следуваше одлична одбрана, неколку интервенции на Хендави и лесно правење на пресврт. Со 6:0 се дојде до 9:5 и работите добија еден сосема поинаков правец.
Оттука работите тргнаа на подобро, а на одмор разликата беше истата, плус четири додека резултатот беше 11:7.
Како што течеше времето така стануваше јасно дека составот на Еурофарм Пелистер ќе дојде до триумф. Акциите одеа лесно, немаше никакви проблеми против 11 ракометари на Татран Прешов, па се водеше кон убедлива победа.
Гостите од Словачка не можеа да го следат силното темпо и почнаа да попуштаат и во ритамот, па тоа влијаеше и на разликата. Како средбата се доближуваше до крај така стануваше јасно дека ова ќе биде убедлива победа која ќе биде изразена со двоцифрена гол разлика. Првпат плус десет беше во 49. минута при 22:12, а потоа ова водство и се зголемуваше.
На крајот беше 28:16 што е и повеќе од доволно за да се дојде до нови бодови во СЕХА и да се подобри позицијата во Групата А во трката за првото место со ППД Загреб.
Сите играчи кои се најдоа на терен дадоа свој придонес во победата така што Еурофарм Пелистер покажа дека е во одлична форма пред финишот на групната фаза од Лигата на Европа и пред стартот на пролетниот дел од сезоната во плеј-офот од Супер машката лига.
СЕХА ЛИГА – ГРУПА А
ТАБЕЛА