Екс ракометар на Пелистер на својот 41 роденден ја заврши кариерата (ФОТО)

Еден од ракометарите кои имаше најдолг играчки стаж, Петар Жујовиќ, реши на својот 41 роденден да стави крај на својата богата кариера. На неговиот роденден го одигра и својот последен натпревар, во кој Обилиќ беше домаќин на Железничар од Ниш во рамки од претпоследното коло од плеј-аут фазата во најквалитетното натпреварување во Србија.

Пред почетокот на натпреварот, раководството и играчкиот тим на Обилиќ со плакета му се заблагодарија на услугите на Жујовиќ, кој имаше двојна причина за славје бидејќи со своите соиграчи успеаја да дојдат до убедлив триумф од 41:33 и на клубот му помогнаа да го сочува суперлигашкиот статус за следната сезона. Во последниот натпревар, искусниот ракометар беше меѓу најефикасните, постигна четири погодоци.

Фото: arkus-liga.rs

Левиот бек најголемиот дел од својата кариера го мина во матичниот клуб, Партизан, како и во шампионатот на Грција. Една сезона настапуваше во Суперлигата во Македонија, беше член на Пелистер во сезона 2011/12. Од својата 15-та година беше во ракометните води.

Играше и во Кипар, Норвешка, Катар, Тунис, а пред неколку години се врати во српскиот шампионат, поточно во Динамо Панчево. Пред да направи трансфер во неговиот последен клуб, две години беше дел од екипата на Нови Пазар.