Светското првенство уште непочнато, а стартуваат проблемите за селекторите. Данскиот репрезентативец Мадс Менса Ларсен е позитивен на корона тестот, откако данските ракометари беа тестирани пред почетокот на шампионатот.
Играчот на бундеслигашот Фленсбург е во изолација и ќе ги чека резултатите од новите тестирања.
,,Се разбира дека ова е непријатна ситуација, кога не знаеш дали ќе може да играш на стартот од првенството. Покрај тоа ниту во Данска, ниту во Шведска коронавирусот не се смета за критична болест. Се чуствувам сосема здраво”, изјави Мадс Менса Ларсен за данските медиуми.
Репрезентацијата на Данска првиот натпревар на Светското првенство го игра на 13. јануари против репрезентацијата на Белгија.
Актуелниот светски шампион ќе игра и со репрезентациите на Бахреин и Тунис во рамки од групата Х.