Првото коло во група Ц од Светското првенство во Египет, го донесе првото изненадување, Хрватска беше надиграна во поголем дел од натпреварот од неверојатната Јапонија, на крај спаси еден бод со конечен резултат 29-29. Хрватите имаа негатива од шест голови, поведоа во финишот на натпреварот, но дисциплинираните Јапонци издржаа ја вратија предноста, а Чупиќ стави точка со гол од пенал на 5 секунди до крај на дуелот за нерешени 29-29.
Јапонците предводени од селекторот Дагур Сигурсон се подготовуваат за Олимписките игри и на првенството во Каиро сакаат да покажат дека ракометот се игра и на далечниот исток. Со одлична подготовка и благодарение на одличниот голман Ивашита јапонските репрезентативци ја шокираа Хрватска на почетокот на првото полувреме, лесно ја пробиваа одбраната на коцкестите, а во 12. минута имаа предност од високи пет голови (2-7). Селекторот Червар се обидуваше да ја пронајде идеалната комбинација на терен. Хрватска дури во финишот на полувремето успеа да ја најде вистинската постава и да ја намали високата предност на азискиот преставник на три голови 14-17.
Кога се чинеше дека Хрватска го фати вистинското темпо, Јапонија се врати на безбедна предност од четири голови по 10 одиграни минути во второто полувреме. Лино Червар во вториот дел играше со Циндриќ, Дувњак и Чупиќ на бековските позиции, комбинација која иако не започна најдобро се покажа како добитна комбинација во нападот. Јапонците ја одржуваа предноста на три голови благодарение на одличниот напад, но кога немаше реализација Дувњак веднаш казнуваше, па Хрватска во 48 минута го израмни резултатот на 23-23.
Во егал завршница каде Јапонија ја имаше контролата над водството двете екипи беа резултатски израмнети до самиот крај. Поведоа Јапонците во последната минута, но Циндриќ успеа да го проигра Мамиќ на линијата од шест метри, а јапонската одбрана направи пенал кој го реализираше Чупиќ за конечни 29-29.