Репрезентациите на Хрватска и Холандија, на својот последен натпревар на ЕП одиграа возбудливо до самиот крај, а конечниот епилог беше можеби и најреален, откако средбата заврши без победник, 28:28.
Избраниците на Хрвоје Хорват имаа добар старт и со трите погодоци на Шипиќ имаа 3:1. На Холанѓаните им требаше две до три минути за да се вратат во игра и да израмнат на 3:3. Голманот на Холандија, Тијс ван Лејвен, како и хрватскиот чувар на мрежата, Иван Пешиќ на моменти беа главните виновници за израмнетиот натпревар.
Холандија предводена од Јансен и креаторот на играта, Стеинс, од 20. минута, па сѐ до крајот на првото полувреме, константно одржуваше водство од еден до два гола разлика откако претходно главно резултатот беше нерешен.
Холандската репрезентација своето водство од 10:9 го зголеми на 11:9, благодарение на неколку грешки на Хрватите, и успеа на полувреме на замине со два гола позитива, 15:13.
Мартиновиќ со два гола во низа го изедначи резултатот на 15:15 во второто полувреме. Во следниот период се играше гол за гол. Ракометарите на Холандија никако не можеа да се одлепат на два гола предност бидејќи Пилиповиќ бранеше кога беше најпотребно. По нерешениот резултат од 19:19, во 45. минута, Мартиновиќ и го донесе првото водство на својата репрезентација во второто полувреме, 20:19.
Кризниот период во холандскиот табор резултираше со серија од 4:0 на Хрватска. Циндриќ и Срна беа ефикасни во следните два напади за најголемо водство на хрватската репрезентација од три разлика, 22:19.
Во последните десет минути се влезе во егал завршница бидејќи водството на Хрватска брзо се стопи, па така Холанѓаните дојдоа до минус еден, 23:24. На две минути до крајот резултатот гласеше 27:26 за Хрватска. Со добар организиран напад, Холанѓаните преку Ставаст дојдоа до нерешен резултат, 27:27.
Во последните напади за двете репрезентации успешни беа Тин Лучин, кој погоди за 28:27, но Холанѓаните во последните секунди со голот на Лук Стеинс се изборија за реми на овој дуел, 28:28.
ЕП 2022, ГРУПА 1 – ТАБЕЛА