Краков, 16.јануари. Велат, утрото е попаметно од вечерта. Решив и јас да тргнам по таа логика. Да оставам да „легнат“ впечатоците од вчерашниот ден и да стивнат телефоните, па сабајлечки со побистра глава и со Господ напомош, да се фатам за тастатура.
Додуша, за секој случај, дрмнав и едно од оние руските „зелени“ против главоболка, од новата залиха. Ме спасија лани во Дебрецин, си викам може ќе ми „отворат очи“ од поразите и овде во Краков.
А, стално си велам – не се нервирам на натпревар, не сум од вчера! Ракомет е, не е крај на светот. Ќе заврши едно, ќе дојде друго првенство.
Арно ама, оди па спроведи го тоа во сала. Победиле-изгубиле, изгледај си мирно, ислушај ги изјавите, климни со глава – така е, куцни на тастатура и тоа е тоа.
Не оди!
Треба карактер за тоа. А, овој мојов попушта уште во десетта минута како играта на нашата репрезентација. И после, без карактер, не знаеме кај тераме. За Холандија уште од старт ја менувам „тактиката“. Наместо во тесните новинарски „ложи“, со дел од колегите, фаќаме странична покомотна позиција, демек, така имаме подобар „преглед на играта“ долу на терен и почист поглед кон „фалангата“ од спроти. Во речиси празната „Таурон Арена“ и така има место колку сакаш!
Ама, не било до седењето. Нешто не е како што треба… На полувреме веќе се префрлив и на скалите додека „седмата сила“ расправа „конзилијарно“ каде грешиме, може ли нешто да се спаси или и овој ќе отиде во „црвена зона“, со збунка во одбраната и хаос во нападот, со еден куп примени голови и со двоцифрена негатива.
Крајот не го ни дочекуваме, долг е патот до микс зоната…
После кога прочитав како „се поздравиле“ репрезентацијата и „Фалангата“ и каков напад извеле „стручњаците за одбрана“ , си викам, поарно што не останав. На сета мака со поразите, уште „Фалангата“ фали да ја изгубиме со погрешна „тактика“.
И, пак ја промашуваат целта! Таргетот де.
Во сопствената неспособност и немоќ да се носат со одговорноста и со критиката, удираат кај што не треба. Се повеќе се губи култот кон репрезентацијата, а како тргнало, со ваков напад на добар пат сме да ја „разбиеме“ и „Фалангата“.
И да биде уште потрагично, не е ни прв пат, да попушти карактерот и да тргнат во напад „играчите за одбрана“. И тоа баш овде во Краков. Само што пред седум години на удар беа новинарите зошто прашале за поразите. Сега пак „фалангата“ зошто свиркала, наместо да се радува на -10! Уште тогаш некои засекогаш ја загубија довербата од јавноста…сега ја коцкаат и поддршката од публиката.
И после ќе глумиме лудило дека сме „плукната Норвешка“, само ни фали Сагосен и едно 5-6 години да се навежбаме. Дајте бре луѓе, соземете се!
Додека ние се правиме скандинавци со балкански манири, отидоа пред нас и Бахреин и Иран и Зеленортските Острови и САД што на оглас бараат репрезентативци што играат ракомет! Почнавме со Уругвај и со Саудиска Арабија да се пребројуваме…
И само прашање на време беше кога „ќе пукне“ некој од играчите (о)ставени да ги вадат жешките костени за „проектот“. Во наелектризирани моменти, реалноста удира право во лице.
„Квалитет? Очигледно немаме квалитет! Тоа е проблемот. Без мотивација и со изгубени глави не се играат вакви натпревари…“ – разочарано вели Дејан Манасков и во немоќ удира во преградното пано во микс зоната.
Скриени погледи и наведнати глави…да се помине што побрзо низ пеколната зона, ако може без збор најдобро. Тие што немаат храброст на терен, се плашат и од микрофоните. Да не згрешат нешто, па после да ги караат. Еднаш „скршена кичма“ останува свиткана…
Занемува револтот и разочараноста на лицето на Филип Кузмановски.
„Секој треба да си го заслужи местото во оваа репрезентација…не оди веќе вака! Не сакам да доаѓам овде и да губам по десет разлика на сите натпревари. Нешто не функционира во нашата игра…како да ни фали машкост…сите одат напред, а ние не можеме да мрднеме…“- се меша разочараност и бунтовност во исто време, таков е „малиот“. Камо среќа да имаме барем уште 3-4 такви како него.
И сакал, не сакал, се враќа филмот назад. Пред седум години токму овде во краковската „Таурон Арена“, токму тој ја грееше надежта дека македонскиот ракомет има иднина и во новата генерација. И тогаш одеше тешко, немавме победа и незгодна беше групата… а, Фитиљот беше дебитант и му се тресеа колената, ама со жар и со насмевка излезе на мегдан со Французите. Играше и со пукната аркада, желен да се докаже и да ја оправда довербата.
„Затоа го сакам, дека е борец и битолски „фраер“ – ќе ја позајмам реченицата од Лино Червар. („Лино, врати се, се ти е простено“, често знаат да ме „чепнат“ колегиве, посебно последниве години, кога ќе ми попушти карактерот, мене како „заколнат“ поборник за македонските селектори!).
До карактерот е дефинитивно! Еве и селекторот рече дека тука е проблемот и дека од последните два натпревари „многу научиле, ама не покажале карактер“.
Чекајте малку… Имаме идентитет, ама немаме карактер?! А, бе мора нешто да фали!
Може ќе се оправиме со карактерот до утре за Аргентинците. И ќе се пласираме колку да се рече дека сме во втор круг. Па после, со Господ на помош таму. Деки така вели.
А, јас да покажам карактер, тука завршувам за денеска и одам да го видам замокот. Да не ја прокоцкам и втората шанса, седум години ја чекав…