Дисингер ќе има голема конкуренција во Динамо Букурешт

Романскиот шампион, Динамо Букурешт продолжува да се засилува за новата сезона. Клубот и официјално го објави доаѓањето на двајца нови ракометари, Раул Нант Кампос и Ахмед Каири, а наскоро би требало да го потврди и Дан Емил Ракотеа.

Раул Кампос беше дел од Динамо Букурешт во сезона 2019/2020, но потоа реши да замине во ЧСМ Букурешт. Освен за двата клубови од романската престолнина настапуваше и за екипите на Адемар Леон, Виља де Аранда и Хелветиа Анаитасуна од Шпанија.

Покрај Кампос, на левата бековска позиција во Динамо ќе игра и романскиот репрезентативец Дан Емил Ракотеа, па Кристијан Дисингер ќе има голема конкуренција во обидот да се бори за голема минутажа.

Освен левите бекови, во Динамо доаѓа и плејмејкер. Ахмед Каири во шампионот на Романија доаѓа од екипата на Стеауа Букурешт. Египетскиот репрезентативец игра на позиција среден бек и се очекува да биде прва опција на таа позиција во клубот.

Динамо Букурешт оваа сезона во романскиот шампионат ги освои домашната и Куп титула. Во новата сезона влегува со големи амбиции за успех во Европа, па така раководството на клубот реши во екипата да донесе квалитетни засилувања.

Покрај Дисингер, Кампос, Ракотеа и Каири, доаѓаат и Седрик Сорендо и Алекс Пасквал, заедно со тренерот Чави Пасквал од Барселона.