Рускиот интернационалец Тимур Дибиров и во следната сезона ќе го носи дресот на европскиот шампион Вардар.
Тој ќе ја стартува осмата сезона во „црвено-црното“ семејство на средината на јули, за кога тренерот Стевче Алушовски го планира стартот на подготовките.
Поради затворените граници и ширењето на коронавирусот во Русија (оваа земја е втора во светот по број на заразени), левото крило и неговото семејство цело лето ќе го минат во Македонија.
Тоа ќе биде првпат по неколку години, Тимур, Ирина, како и децата Мурад и Тиана да не заминат на одмор во татковината.