Хрватскиот шампион Загреб за новата сезона се засили со рускиот интернационалец, левото крило, Тимур Дибиров, кој од 2013 година настапуваше во редовите на Вардар и во „црвено-црниот“ дрес освои две титули во Лигата на шампионите, сезона 2016/17 и 2018/19.
Хрватскиот тим профитираше од неиграњето на Вардар во Лигата на шампионите, па го ангажираше „летечкиот Русин“ во своите редови.
Во Загреб веќе настапува уште еден екс ракометар на Вардар, Иван Чупиќ, а дресот на хрватскиот шампион од наредната сезона ќе го носи и Вуко Борозан, ракометар, кој исто така настапуваше во Вардар.
Дибиров во интервју за „РТЛ“ откри кога сфатил дека сака да биде дел од хрватскиот првак
„Кога Чупиќ ми се јави и ми објасни се, сфатив дека би сакал да бидам дел од овој проект“, кажа Дибиров.
Тој вели дека не мисли на годините и на тоа да ја заврши кариерата.
„Не мислам на годините никако затоа што го сакам спортот, ракометот и секоја година по 35 ми е последна. Никој не може однапред да каже кога ќе ја заврши кариерата“, продолжи Дибиров.
Дибиров во Загреб ќе биде замена за довчерашниот капитен на екипата, Давид Мандиќ. Како што е веќе познато, Мандиќ во новата сезона ќе настапува за бундеслигашот Мелсунген.