Хрватскиот шампион Загреб за новата сезона се засили со рускиот интернационалец, левото крило, Тимур Дибиров, кој од 2013 година настапуваше во редовите на Вардар и во „црвено-црниот“ дрес освои две титули во Лигата на шампионите, сезона 2016/17 и 2018/19.
Хрватскиот тим профитираше од неиграњето на Вардар во Лигата на шампионите, па го ангажираше „летечкиот Русин“ во своите редови. Дибиров во Загреб ќе биде замена за довчерашниот капитен на екипата, Давид Мандиќ. Како што е веќе познато, Мандиќ во новата сезона ќе настапува за бундеслигашот Мелсунген. Во Загреб веќе настапува уште еден екс ракометар на Вардар, Иван Чупиќ, а дресот на хрватскиот шампион од наредната сезона ќе го носи и Вуко Борозан, ракометар, кој исто така настапуваше во Вардар.
Дибиров во интервју за „Спортске новости“ зборуваше за новиот предизвик во својата кариера и за очекувањата од новиот клуб. Искусниот ракометар изјави дека во Вардар ги постигнал најдобрите резултати во својата кариера, но поради ситуацијата во клубот, морал да си замине од македонскиот шампион.
„Едноставно, моја беше одлуката за трансферот во Загреб. Јас сакав да продолжам да играм, но не само да играм туку и да победувам. За жал, она што се случи со Вардар, секако на сите им е жал, но можеби сето тоа беше само едно мачење што повеќе немаше смисла. Секако дека сум посебно поврзан за Вардар, бидејќи со него ги направив најубавите работи во кариерата и тоа се работи кои никогаш не се забораваат. Во Скопје сум девет години и се чувствувам како дома, но јас сум професионалец и решив да ја прифатам понудата од Загреб“, изјави Дибиров.
Довчерашниот член на Вардар имаше пофални зборови за новиот клуб, истакнувајќи дека хрватскиот шампион е доста засилен и има потенцијал за добри резултати во Лигата на шампионите.
„Фрустрирачки е кога се чувствуваш немоќен откако си бил на високо ниво, а таа немоќ ја почувствував лани во дресот на Вардар, особено на гостински терен. Пристигнувам во Загреб во клуб и тим кој знае да победува, има играчи кои постигнаа одлични резултати, има играчи како Чупиќ и Борозан со кои ја освоив Лигата на шампионите, тука се Муса, Гојун, потоа има и неколку одлични млади играчи. Таа ширина на играчи може да биде пресудна.Токму така Вардар ги постигна најголемите достигнувања. Сите знаат за што зборувам. Јас неколку сезони играв против Загреб. Тимот навистина игра многу добар ракомет и сега се надевам дека ние што дојдовме ќе го усовршиме на поголемо ниво. Ждрепката од Лигата на шампионите е добра, можеме да играме против секого, и сега ќе треба само добро да се подготвиме”, рече Дибиров.
Русинот пред да ја прифати понудата од Загреб се консултирал со Иван Чупиќ, кој исто така настапуваше во Вардар и со неговата сопруга Ирина (Полторацкаја) Дибирова.
„Чупиќ веднаш беше за да ја прифатам понудата кога му спомнав. Секако дека разговаравме. Кога пристигна понудата од Загреб, сопругата ми рече „Тоа е тоа, немаш што да размислуваш“. Искрено, со нетрпение чекаме да дојдеме во Загреб. Моментално сме во Скопје, два дена пред почетокот на подготовките ќе дојдеме во Загреб за да ги решиме проблемите со станот и сѐ што треба да се направи, а сопругата ќе биде најдобар советник и најдобар поддржувач како и досега“, заврши Дибиров.
Освен двете европски титули, Дибиров со Вардар освои и четири титули во СЕХА лигата, како и седум титули во Суперлигата и седум во Купот на Македонија.