Ракометарите на Радовиш остварија победа на гостувањето кај Јуниор Кисела Вода со 23-28, што беше петти триумф за нив оваа сезона, но двете екипи напролет ќе настапуваат во плеј-аутот и ќе се борат за опстанок во суперлигашката конкуренција.
Избраниците на Љупче Мијалов отворија со предност од 1-4, откако ги искористија брзоплетите грешки на домашните. Но како одминуваше времето, така Јуниор КВ се враќаше во игра и израмни на 7-7.
Во продолжение Радовиш пак поведе со два гола. Беше 8-10, па 9-11, но избраниците на Ристо Магдинчев по одличните интервенции на голманот Стојаноски и реализициите на Пешкирски и Милутиновиќ израмнија на 11-11. На пауза се замина со реми, 12-12.
Домашните заиграа поангажирано и поразновидно на стартот на вториот дел, а тоа резултираше и со водство од по еден гол на неколку пати, но тоа траеше само десетина минути.
По 17-17, Радовиш со серија од три гола преку Стојановски и капитенот Ѓорѓиев поведе со 17-20. Беше и 22-24, а гостите пак со три гола по ред се одлепија на 22-27 и веќе немаше дилеми кој ќе ги освои бодовите на овој натпревар. На крајот победа за радовишани со конечни 23-28.
Најефикасен во победничката екипа беше Зоран Стојановски со десет голови, а кај Јуниор КВ се истакна Бајрактаревиќ со осум.