Ракометарите на Бисинов на гостувањето во Гевгелија кај Партизан забележаа убедлива победа од 34:23 во натпревар од 5. коло од плеј-аут фазата во прволигашката конкуренција.
Гостите од Велес беа во предност во текот на сите 60 минути и откако имаа фуриозен старт, поведоа со 5:0 во воведниот дел, домаќинот безуспешно го бркаше нивното водство.
Избраниците на Бисинов немаа поголеми проблеми и почетната предност од пет гола разлика ја одржуваа во останатиот дел од првото полувреме. Велешани на пауза заминаа со предност од 19:14.
Домашниот тим во продолжението никако не успеваше сериозно да се доближи, влезе во поголема криза и дозволи гостите да имаат целосна доминација на теренот. Дополнителен проблем за Партизан беше црвениот картон за Горан Лисичков, кој поради три исклучувањата мораше да се пресели на трибините.
Најефикасен во победничката екипа беше Мартин Иванов со девет погодоци, шест додаде Александар Славков, по пет реализации имаа Тодор Миланов и Александар Ристовски. Кај поразениот табор прв стрелец беше Димитар Минов со седум погодоци.