Последен предизвик за Македонија на Европското првенство во Унгарија и Словачка ќе биде светскиот шампион Данска.
Во квалификациите за овој континентален собир ги совладавме скандинавците, па сигурно сега ќе влезат внимателно со Македонија, иако е најавено дека во двете селекции ќе играт ракометарите со помала минутажа.
Десното крило Ласе Сван, за данската ТВ2 вели дека доколку Кире Лазаров беше на терен против Словенија и Македонија, ќе беше поинаку.
„Сигурно не му е сеедно. Тој има долга и сјајна кариера, и секако дека сака да ја заврши како што треба. Сигурен сум дека ќе го подигнеше нивното ниво и покрај неговата возраст. Тој е искусен ракометар кој знае се за овој спорт, па сигурно ќе им помогнеше. Штета и за него и за Македонија“, вели Сван за ТВ2.
Натпреварот меѓу Македонија и Данска се игра вечерва во „Феникс Арена“ со почеток во 20:30 часот.