Даскаловски: ГА КЛ7 ќе биде поинаков предизвик за мене, со моето искуство ќе им помогнам на младите

Како што најави 24Ракомет, поранешниот македонски репрезентативен голман Златко Даскаловски потпиша за Голден Арт КЛ7.

По многуте години играње во Струга, Пролет, Вардар, романскиот Темишвар, францускиот Стразбур и последните две години во Бутел Скопје, Даскаловски ќе има поинаков предизвик.

„Чест и задоволство ми е што ќе бидам дел од еден проект како Голден Арт, насочен кон развој и создавање на млади играчи и млад стручен кадар. Ова ќе биде еден нов, малку поинаков предизвик за мене како играч со големо интернационално искуство и се надевам дека со се што сум научил, целото ракометно и животно искуство ќе придонесам за развој на младите голмани и играчи во клубот. Воедно ќе бидам голема поддршка на шефот на стручниот штаб Матлиески , човек и тренер од кој можам многу да научам за мојот следен предизвик во струката во која се гледам следните години. Благодарам на клубот за понудата и концептот, за кој сметам дека, во моментов е идеален за периодот на играчка кариера во која се наоѓам”, изјави Даскаловски.

Со свој коментар околу последните засилувања и планови на клубот излезе спортскиот директор, Милчо Чакарески, кој вели дека поискусните играчи ќе бидат поддршка за младите во тимот.

„Голден Арт КЛ7 со последните неколку потези покажа дека останува на линија на ангажирање македонски ракометари, во случајот искусни играчи, кои, треба да бидат поддршка за младите Ѓорговски, Симоноски, Димоски, Илиески, Стојковиќ и останатите, и да се стават во функција на развој на истите. Покрај нивните ангажмани како искусни играчи, многу поважно за нас како колектив е нивната тренерска едукација во насока на создавање на ’струка’ која е крајно дефицитарна, струка која ќе биде сигурна, желна за докажување и напредок“, изјави Чакарески.

Пред ангажманот на Даскаловски, прволигашот го донесе и искусниот Ивица Илиев, кој покрај играчката кариера, започнува и тренерска и ќе му биде асистент тренер на Никола Матлиески.

ГА КЛ7 сериозно се засилува – доаѓа поранешен репрезентативен голман