Данецот што сонува(ше) за Вардар, ќе остане уште две години во Гудме

Данската ѕвезда во подем, Симон Питлик потпиша нов договор со тимот на ГОГ Гудме и ќе остане член на овој тим до 2023 година.

19-годишниот Питлик, кој лани играше на Светското првенство во Македонија, сезонава добива голема минутажа во ГОГ поради повредата на Емил Ларке и покажа дека се работи за одличен ракометар.

„Одиграв фантастична полусезона, па немав сомнеж дека треба да продолжам да се развивам во ГОГ Гудме. Горд сум што играм за ваков тим и што можам да останам тука“, изјави Питлик.

Синот на прославениот тренер Јан Питлик, оваа сезона во данскиот шампионат е втор стрелец со 72 гола на 15 меча, додека во Лигата на Европа даде 36 погодоци на 5 натпревари.

Пред неколку недели, младиот бек за данските медиуми изјави дека сонува еден ден да го облече дресот на Вардар и дека би играл во Македонија наместо во Франција, Шпанија, Германија…но сега станува јасно дека евентуален трансфер нема да има пред 2023 година.

„Сите сакаат да играат во Германија или Шпанија, а мојот сон се Балканот и Вардар…“