Дамчевска: Ќе дадеме сѐ од себе во финалето, во вакви натпревари нема фаворити!

Металург по осум години повторно ќе се бори за освојување на Куп трофејот откако во полуфиналето го елиминираше бранителот на титулата, Куманово, со четири гола разлика, 21:25.

Тренерот на Металург, Јулијана Дамчевска, во 45 минута побара тајм-аут, со цел консолидирање во редовите на нејзината екипа.

Тој момент се покажа како клучен бидејќи нејзините избранички направија серија од 9:1 обезбедувајќи сигурна победа и пласман во финалето од Купот.

„Сметам дека ние сме една од помладите екипи, не толку млада, но не и толку искусна, и мислам дека во такви клучни моменти потребна им е таква игра. Имаа голема желба за да победат, но во таа желба можеа и го загубат натпреварот. Мислам дека заслужено обезбедивме пласман во финалето со нашата игра. Серијата од 9:1 и промената во одбрана го направија резултатот. Ние ќе дадеме сѐ од себе во финалето и во овие натпревари од Купот нема истакнати фаворити бидејќи секоја екипа може да направи нешто повеќе од тоа што го има прикажано низ натпреварите од домашниот шампионат. Во текот на првиот дел помислив дека ќе бидеме поразени, но на полувреме на моите ракометарки им реков дека на крајот ние ќе победиме“, изјави Дамчевска.

Металург во финалето ќе игра со подобриот од вториот полуфинален дуел меѓу Ѓорче Петров и Чаир.

ШОК за Кумановo: Металург ќе се бори за Куп трофеј по осум години!