Екипите на Вардар и Металург одиграа без победник 25:25 во натпревар од првото коло од плеј-оф фазата во Женската лига. Иако Металург на полувреме имаше четири гола предност, сепак, ракометарките на Вардар се вратија во второто полувреме и се изборија за голем бод.
Двете екипи во плеј-оф фазата влегоа со по 12 бода, заедно со Чаир, додека актуелниот шампион Ѓорче Петров пренесе 18 бода, а Куманово, кој денес триумфираше над Овче Поле СУ во моментов има 12 бода.
Тренерот на Металург, Јулијана Дамчевска ги сподели своите впечатоци по натпреварот, истакнувајќи дека слабата реализација во моментите кога Вардар правеше камбек, како и слабата игра во одбрана, биле причините за ремито против ,,црвено-црните”.
,,Доколку беше победа ќе бев повеќе задоволна, сепак, задоволна сум во еден дел од играта, тоа што го анализиравме и договаравме сѐ испочитува. Но, слабата реализација во клучните моменти, слабата игра во одбраната, но и исклучувањата, кои беа пет во второто полувреме, игравме 15 минути со играч помалку, беа причина за овој исход. Двете екипи имаме сега по 13 бода и допрва претстои борба, но не ни одговараше овој резултат”, изјави Дамчевска.
Металург во второто коло од плеј-оф фазата за противник го има Куманово.