Македонската репрезентација на реванш дуелот против Украина за пласман на Светското првенство 2023 на полувреме губи со 24:12. За потсетување, на првиот дуел во Скопје, Украина триумфираше со 24:22.
Натпреварот беше отворен со голот на искусната Јанеска, но Украина бргу возврати за 1:1. Следуваше период, во кој двете репрезентации постигнаа по два брзи гола, по што резултатот во воведниот дел беше 3:3.
Во првите пет минути во таборот на Македонија имаше дури две исклучувања. Украина ја користеше секоја шанса со ракометарка повеќе и успеа да се одлепи на два гола разлика, 5:3. Избраничките на Савевски откако намалија на 5:4, дозволија ривалот да зголеми на ,,плус три” 7:4.
При водство на Украина од 8:6, нашата репрезентација на двапати промаши за минус еден гол. По десет минути борба, резултатот беше 9:6 во корист за ,,домаќинот”. Кон средината на првиот дел наместо Македонија да се доближи на 10:9, ракометарките на Андронов лесно ја пробиваа одбраната на ,,црвено-жолтите” и во 15-та минута дојдоа до највисоките во тој момент, 14:8.
Лошата игра во таборот на Македонија, која немаше решение како да дојде до реализација, беше причина Савевски во 18-та минута да побара тајм-аут. Македонија со голот на кружниот напаѓач Ивана Гакидова ја надмина бариерата од осум гола и за момент намали на 14:9. Украина делуваше расположено и на искуството на Глибко во 20-та минута зголеми на 16:9.
На ракометарките на Украина им одеше се од рака, зголемија на 18:10, додека пред финишот од првиот дел дојдоа до 20:11. Иако Украина не е од високиот ешалон на квалитетни репрезентации, сепак, покажа дека е на класа над Македонија. Ниту. последните минути од првото полувреме не донесоа некоја промена на резултатот. Од минута во минута растеше предноста на репрезентацијата на Украина, која на пауза замина со убедливо водство од 24:12.