Грчкиот првак со услуга за битолчани – АЕК Атина го сруши Ним

Во рамки од 8. коло од Лига на Европа, АЕК Атина ја прослави третата победа откако на домашен терен триумфираше против актуелниот лидер од Групата Д, Ним, со резултат 34:30.

Ракометарите на АЕК за седум минути игра постигнаа пет, додека гостите од Франција само еден гол, па така резултатот по седум минути игра беше 5:1 за шампионот на Грција. Француската екипа никако не можеше да се одбрани од расположените домаќини, кои во првите десет минути имаа поддршка и од својот голман, Петрос Буковинас.

Ним единствено преку најекспонираниот во првото полувреме, Мохамед Санад, одвреме-навреме доаѓаше до погодок, но самиот ракометар не можеше ништо да промени. АЕК секоја грешка на противикот ја казнуваше со погодок и по петнаесетина минути игра стигна до највисоко водство од 11:5.

Предноста од шест гола разлика не беше доволна за домаќините да имаат мирна завршница од првото полувреме бидејќи ракометарите на Ним во завршниот дел од првите 30 минути целосно се вратија во игра. По водството на АЕК од 14:8, Ним направи серија од 7:0, поведе со 15:14 и на пауза замина со позитива од еден гол, 16:15.

Во второто полувреме следуваа два гола во низа на домаќините за преземање на водството, 17:16. Ним повторно влезе во криза и му дозволи на својот противник да постигне четири погодоци за речиси три минути игра. Тренерот на Ним, Франк Морис, мораше да повика тајм-аут по водството на домашната екипа од 20:17.

АЕК во 40. минута се одлепи на сериозна разлика од четири позитива, 25:21. Домаќините константно беа во водство, најчесто од три гола разлика, до 50. минута. Во последните десет минути можеше да дојде до неизвесна завршница бидејќи АЕК имаше минимална предност од само еден гол, 28:27. Сепак, Ним не успеа да направи камбек како во првото полувреме и мораше да се задоволи со денешниот исход.

Екипата на Кокс, во која настапува голманот од Македонија, Јоаким Анѓеловски, беше убедливо поразена од составот на ГОГ со 23:34. Анѓеловски на овој натпревар не доби шанса да ги покаже своите квалитети. За финскиот претставник во Лига на Европа ова беше осми пораз во низа.

Фуксе Берлин на поранешните ракометари на Вардар, Мијајло Марсениќ и Дејан Милосављев, имаше лесна задача на домашен терен против Бидасоа Ирун, триумфираше со 35:23. На овој натпревар, Марсениќ забележа три погодоци. Милосављев на голот имаше 16 интервенции, а прв стрелец во победничката екипа беше репрезентативецот на Црна Гора, Милош Вујовиќ со десет погодоци.

Екс членот на Металург, Халил Јагањац, заедно со Нексе беа поразени на гостувањето во Шведска кај Савехоф. Домаќинот забележа убедлив триумф против хрватскиот претставник со 33:23. Јагањац запиша пет погодоци од десет обиди.

ЛИГА НА ЕВРОПА, 8. КОЛО, РЕЗУЛТАТИ

ГРУПА А

ТАТРАН ПРЕШОВ – ВИСЛА ПЛОЦК 15:29 (8:12)
ФУКСЕ БЕРЛИН – БИДАСОА ИРУН 35:23 (16:10)
ВИНТЕРТУР – ТУЛУЗ 20:45Ч

ГРУПА Б

КОКС – ГОГ 23:34 (13:22)
ЧЕХОВСКИ МЕДВЕДИ – БЕНФИКА 27:32 (15:17)
ЛЕМГО – НАНТ 20:45Ч

ГРУПА Ц

ЕКС АН ПРОВАНС – МАГДЕБУРГ 28:39 (13:12)
САВЕХОФ – НЕКСЕ 33:23 (16:12)
ГОРЕЊЕ – ЛА РИОХА 20:45Ч

ГРУПА Д

ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР – КАДЕТЕН ШАФХАУЗЕН 27:26 (15:12)
АЕК АТИНА – НИМ 34:30 (15:16)
СПОРТИНГ – ТАТАБАЊА 20:45Ч