Натпреварот меѓу ЧСМ Фочани и Хаукар во Европскиот куп имаше интересни моменти, а покрај тоа што екипата од Романија за која игра Горан Крстевски забележа победа од 28:26 имаше и доделување на црвен картон поради однесување на полувремето.
Голманот на гостите, Арон Рафн Евардсон при напуштање на теренот и влезот во потрибинскиот дел нервозата ја искажал со силно удирање на вратата. И тука не би имало ништо доколку сето ова не се случило пред очите на судиите и делегатот.
Иако судиите од БиХ и делегатот од Турција не добиле удар при оваа случка, сепак, одлучиле дека однесувањето на голманот не било во склад со прописите за еден натпревар.
Голманот ја дознал оваа одлука на стартот на второто полувреме кога застанал на голот за да продолжи со натпреварот. Тогаш му бил доделен црвен картон со што го оставил својот тим без негова помош после одлично сработената задача во првото полувреме.
Сепак, ќе може да се надомести на реваншот кој треба да се одигра во текот на следниот викенд.