Голден Арт останува во игра за плеј-оф, триумфираше против Радовиш

Ракометарите на Голден Арт славеа против Радовиш со 29-25 и останаа во игра за место во суперлигашкиот плеј-оф. Иако домашните беа фаворити пред мечот, сепак го скршија отпорот на радовишани дури во последните петнаесетина минути.

Се играше гол за гол до 3-3, пред Голден Арт да поведе со 5-3. Кратко траеше таквата предност, бидејќи радовишани израмнија набрзина на 5-5. Потоа повторно имаше резултатска клацкалка. Во финишот на полувремето и гостите имаа свои моменти и поведоа со плус два, 12-10, но домашните веднаш се вратија и израмнија на 12-12. На пауза Радовиш замина со гол предност, 15-14.

Вториот дел започна во ист ритам како што заврши првиот. Гол за гол до 17-17, пред Радовиш во еден момент да остане со двајца играчи помалку на терен. По еден остар старт, Гошевски од Голден Арт доби црвен картон, но и покрај тоа домашните успеаја да стигнат до плус два, 19-17. Беше и 20-18 со голот на Шилегов, но радовишани не се предаваа. Постолов и Вјештица ги казнија грешките на Голден Арт за 20-20. Радовиш имаше шанса и за водство, но Виларов одрани.

На спротивната страна прецизни беа Трајковски и Гајиќ за 23-21, па гостинскиот стратег Мијалов мораше да реагира со тајм-аут. Во продолжение Радовиш наместо да заигра уште подобро, тоа не беш случај, па Голден Арт на десетина минути до крајот за првпат стигна и до плус три гола, 25-22. Потоа избраниците на Никола Матлиески играа полесно, до крајот само рутински ја задржаа предноста и се израдуваа на победата.

Крилата на Голден Арт беа најдобри на теренот. Мице Шилегов даде 14 гола, додека Славе Јанковски стрелаше шест пати. Кај Радовиш се истакнаа Здравко Постолов со осум и Томче Трајчевски со шест погодоци.

Сега Голден Арт има 15 бодови на петтото место, четири помалку од Еурофарм Пелистер 2, кој има и меч помалку, на четвртото место. Но ако битолчани слават утре кај Скопје, сите дилеми околу патниците во плеј-оф ќе бидат решени.