Голден Арт нанижа четврти триумф во серија, го води орото во битката за опстанок

Ракометарите на Голден Арт ја продолжуваат победничката серија во суперлигашкиот плеј-аут, откако нанижаа четири триумфи во серија. Последна жртва беше тимот на Прилеп кој си замина од Скопје со пораз 31-23. Прилепчани парираа во целото прво полувреме, но попуштија во вториот дел, кога Голден Арт искористи неколку грешки и создаде предност што до крајот на мечот лесно ја сочува.

Гостите отворија одлично и поведоа со 3-0, но момците на Владимир Глигоров се вратија во егал и во продолжение мечот се играше гол за гол. Во последните две минути од паузата по 11-11, Јанковски и Миланов погодија за плус два на домашните, 13-11. Сепак Лео Дамчевски се погрижи за прилепчани да имаат само минимална негатива по првите триесет минути, 13-12.

Стартот на второто полувреме беше клучен за триумфот на Голден Арт. Неколку грешки на прилепчани, потоа одбрани на Даскаловски и веќе беше 17-13 за домашните. Згора на се, Гавашелишвили доби исклучување по вербалната расправија со Даев, кој исто така се пресели на клупа.

Потоа беше исклучен Гамзардија, па Прилеп со двајца играчи помалку играше скоро две минути. По краток период Гавашелишвили и третпат беше исклучен па доби црвен картон, што го искористи Голден Арт за да стигне до највисока предност, 24-18, иако претходно имаше само плус два, 20-18.

До крајот само рутински беше одработена задачата и немаше преголеми возбудувања. Во следното коло Голден Арт го пречекува Вардар Неготино, а Прилеп одново оди на гостување, овојпат кај Радовиш.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Мице Шилегов со осум гола, како и Марио Миланов и Ивица Илиев кои погодија по шест пати, додека кај Прилеп се истакна Шокоски со исто толку. На табелата Голден Арт е прв со 18 бода, пред Куманово со 16, кој има и меч помалку, а прилепчани останаа на 14 бода на третото место.