Ракометарите на Вардар забележаа уште еден триумф над српскиот првак Војводина, овојпат во Нови Сад со 32-26. Иако домашните играа со младински состав, сепак тие диктираа резултат во поголем дел од мечот. Во вториот дел Вардар заигра како што треба, рутински славеше на гостувањето во Србија и се враќа на завршниот турнир во СЕХА лигата по пауза од две сезони.
По 1-1 на стартот, нападите на македонскиот шампион беа без идеја, а младите домаќини лесни ги казнуваа сите грешки и по седум минути беше 6-1. Недановски веднаш повика тајм-аут и нервозно реагираше кон неговите момци.
Војводина поведе со 8-3, вардарци намалија на 8-5, но две грешки и српскиот тим одново се одлепи на плус пет, 10-5, а видлива беше опуштеноста кај вардарци по убедливата победа на првиот меч.
Уште во два наврати беше минус два, но до крајот на полувремето домашниот тим успеа да стигне до плус четири преку Драшко, 15-11. Последниот напад беше за Вардар, но не беше упатен удар.
Во вториот дел „црвено-црните“ заиграа како што доликува на еден шампион. По негативата од 19-15, следуваше серија на вардарци предводена од крилата Чувара и Георгиевски и во 40 минута, нашиот тим првпат поведе на мечот, 20-19.
Како одминуваше времето, така домашните повеќе грешеа, а вардарци казнуваа. Гогов одбрани неколку удари, Чувара погодуваше лесно во контри и Вардар за шест минути се одлепи на плус четири, 28-24.
До крајот немаше никакви проблеми за „црвено-црниот“ тим кој само рутински го доврши мечот, со втор триумф над Војводина. Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Георгиевски со десет од десет и Чувара со седум гола, додека голманите Томовски и Гогов комбинираа девет одбрани.