Георгиевски за 24Ракомет ТВ: Знаевме како ќе играат Романците, треба сите да сме среќни со ваков триумф (ВИДЕО)

Машката репрезентација на Македонија ја доби првата битка против Романија, триумфираше со 30:22 во првиот бараж дуел и на реванш натпреварот, кој ќе се одигра на 19 март во Букурешт, ќе има голема психолошка предност.

Еден од поискусните ракометари во репрезентацијата на Македонија, Гоце Георгиевски смета дека последните десет минути од натпреварот, во кои беше скршен отпорот на противникот, беа клучни за големата победа против Романија.

„Ова беше доста тежок натпревар, очекувавме ваков дуел. Романија е квалитетна репрезентација со искусен селектор. Знаевме дека и тие ќе играат многу тактички. Ние имавме водство во текот на целиот натпревар и треба да бидеме задоволни со оваа разлика од осум гола. Во последните десет минути одигравме многу паметно и стрпливо во нападот, исто така и во одбраната. Тој период беше клучен за направената разлика. Имавме одговор и за нивната одбрана“, изјави Георгиевски.

Десното крило на Македонија се надева на позитивен резултат и на реванш натпреварот во Букурешт.

„Немаме многу време, посебно тие за изненадување. Мислам дека тука нема некој скриени адути за реваншот. На овој натпревар двете репрезентации покажаа со што располагаат. Сега сѐ повеќе ќе биде на тактички план, односно гледање на видео, правење анализи како се одиграл натпреварот. Мислам дека таму ќе направиме поволен резултат“, заврши Георгиевски.

 

Фантастичната Македонија слави висок триумф, Романија изгоре во скопскиот пекол!