Гевгелија победнички ја заврши сезоната во Женската лига

Ракометарките на Гевгелија остварија сигурна и убедлива победа во последното коло од плеј-аутот во Женската лига откако на домашн терен беа подобри од Спартак со 29:18.

Спартак само на почетокот имаше водство кога отвори со 1:3, но домашниот тим брзо се врати на нерешено и успеа да го преземе водството. До крај на првото полувреме Гевгелија успеа да обезбеди предност и на паузата водеше со 14:11.

Во продолжението Гевгелија беше поубедлива, брзо стигна до висока предност која без проблеми ја зголемуваше и до крај стигна до победа со двоцифрена разлика. Со овој триумф Гевгелија заврши на 3. место во плеј-аутот, додека Спартак е на 5. место.

Најефикасни во победничката екипа беа Елена Димова со осум гола и Драгица Митровца со седум. Во составот на Спартак се истакна Ангела Гроздановска со седум гола, четири постигна Ема Божиновска.