Вујо потврди – од април ќе води азиска репрезентација!

Поранешниот тренер на Вардар Веселин Вујовиќ во разговор за „Спорт Клуб“ откри дека наскоро се враќа на работа.

На почетокот нa декември Вујовиќ замина од Вардар, а од тогаш е без ангажман. Кормилото на Вардар го напушти после натпреварот против Загреб на гостински терен во кој Вардар претрпе пораз.

Новиот ангажман популарниот Вујо ќе го има веќе од следниот месец кога ќе седне на клупата на Иран! Пред неколку недели во хрватските медиуми се појави информација дека ќе го преземе женскиот тим на Подравка, но од тоа не испадна ништо.

„Постигнавме договор, од април ќе бидам селектор на Иран“, изјави Вујовиќ за „Спорт Клуб“.

Претходно во кариерата црногорскиот стратег освен Вардар два пати беше тренер на Загреб, го водеше Борец од Бања Лука, АЛ Сад, македонската и словенската репрезентација…Со Словенија на Светското првенство во 2017 во Франција освои бронза.