Поранешниот тренер на Вардар и селектор на Македонија, Веселин Вујовиќ после враќањето во редовите на ППД Загреб новиот предизвик ќе го има против составот на Еурофарм Работник в сабота во рамки на СЕХА-лигата.
Тимот од Битола патува во Загреб како лидер во Групата и со максимални девет бода од три средби така што Вујовиќ сигурно нема да препушти ништо на случајот и в сабота ќе се обиде да го надмудри Алушовски, кој пред повеќе од една деценија беше под негово водство во редовите на Вардар.
„Еурофарм Работник е екипа која оваа сезона во Лигата на шампиони отвори несреќно со три загубени натпревари или само со гол разлика. Со победата против силната екипа на Весрем сигурно ракометарите добија дополнителна мотивација и храброст за натамошните натпреваруања. Секој не може да дојде до победа против Веспрем и овој факт доволно зборува за нивниот квалитет. Во сабота ќе ни биде тешко да играме против овој тим, но победа ни е повеќе од потреба. Целта ни е да го победиме Еурофарм Работник, да одиграме многу добро против Флензбург во вторник и на 20 октомври со големи амбиции да го дочекаме Пик Сегед. Колку од целите ќе реализираме ќе видиме бидејќи покрај постоечките има и ново повредени ракометари“, изјави Вујовиќ на денешниот прес.
Средбата се игра в сабота од 19 часот.