Вртоглава сума – со новиот договор Неагу заработува повеќе и од многу фудбалери!

Една од најдобрите ракометарки во светот, Кристина Неагу, пред неколку денови го продолжи договорот со ЧСМ Букурешт и во екипата ќе остане плус две сезони.

По нејзиното потпишување на новиот договор, дел од романските медиуми излегоа со информацијата колку изнесува нејзината плата во поранешниот освојувач на Лигата на шампионите.

Како што се наведува во романскиот медиум „ГСП“, Кристина Неагу и раководството на ЧСМ Букурешт се договориле нејзината плата да биде зголемена од 17.500 евра на 20.000 евра месечно, иако ракометарката инсистирала на сума од 22.000 евра.

Неагу со новата плата влезе меѓу четирите најдобро платени спортисти во Романија. Според „adevarul.ro“, сумата која ќе ја зема Неагу е оправдана, со оглед на нејзиниот квалитет и вредност, но бидејќи се работи за народни пари, коментарите на Романците не се баш позитивни. Екипата на Кристина Неагу, во најголем дел е финансирана од градот Букурешт.

За споредба, најплатен спортист во Романија е Алекс Чипчиу од Клуж со месечна плата од 30.000 евра, а второто место го делат фудбалерите на Стеауа, Клаудиу Кешеру и Константин Будеску со плати од 25.000 евра, додека Неагу е четврта на листата со 20.000 евра заедно со уште неколку фудбалери.

Освен Неагу, договорот со ЧСМ Букурешт го продолжи и ракометарката од Франција, Сираба Дембеле. За поранешната членка на Вардар нема информација колку (ќе) изнесува нејзината плата.