Војводина прашува: Зошто седиштето на СЕХА лигата да не биде во Србија?

Претседателот на Ракометниот клуб Војводина, Милан Ѓукиќ испрати прашање до Ракометниот сојуз на Србија поврзано со СЕХА Газпром лигата.

Војводина е единствениот клуб од Србија кој се натпреварува во СЕХА од нејзиното основање.

Европската ракометна федерација во понеделникот донесе одлука за суспензија на репрезентациите на Русија и Белорусија како и тимовите од овие земји од сите европски натпреварувања. Причина секако беше ситуацијата во Украина.

Пред самата одлука на ЕХФ поврзана со опстанокот на СЕХА регионалната лига, претседателот на РК Војводина Милан Ѓукиќ до Ракометниот Сојуз на Србија постави неколку прашања.

„Прашањето на СЕХА Газпром регионалната лига логично се наметнува поради притисокот на западните држави да се откажат од соработка со Газпром. Убеден сум дека санкции ќе има кога во прашање е ова натпреварување затоа што логото и слоганот на руската компанија се наоѓаат на секој учесник во СЕХА. Покрај тоа седиштето на СЕХА е во Хрватска, држава која воведе санкции против Русија“.

Според него Ракометниот сојуз на Србија не треба да носи одлуки пред време, но треба да имаат спремно одговори на некои прашања.

„Што ќе правиме ако ја нема СЕХА Лигата од наредната сезона? Што ќе правиме ако бројот на клубови драстично се намали? Што ќе правиме ако седиштето на лигата се промени? Или попрецизно зошто да не понудиме седиштето на СЕХА да биде во Србија и со тоа да ја исправиме неправдата десет години подоцна“, запраша Ѓукиќ.