Вардар со победнички крај на сезоната

Ракометарките на Вардар во салата при ОУ „Круме Кепески“, во Кисела Вода, беа „домаќини“ на незгодниот состав на Чаир, во натпревар од последното коло од Женската лига, а на победа се радуваа избраничките на Драгана Ристова, кои триумфираа со 31:28. Во првиот меѓусебен дуел во плеј-оф фазата, победник беше Чаир со 27:25.

Оваа сезона за Вардар беше турбулентна, со подеми и падови, и неколку направени киксови на „црвено-црните“ беа пресудни сезоната да ја завршат на 4. позиција со 28 бода. Чаир сезоната ја завршува на 5 место, но избраничките на Басри Љатифи покажаа дека можат да се носат со првите четири екипи и во поголем дел од натпреварите против Ѓорче Петров, Куманово, Металург…. беа рамноправен противник.

Екипата од Чаир во првото полувреме успеа да му парира на „домаќинот“, кој во првите 30 минути имаше големи проблеми во организирањето на нападите. Чаир имаше одличен старт, поведе со 3:1 и одржуваше резултатска контрола сѐ до 25 минута. Вардар во последните пет минути го презеде водството, заигра поангажирано и на пауза замина со залиха од четири гола предност, 15:11.

Ракометарките на Вардар во вториот дел ја имаа целосната контрола и не дозволија Чаир да направи камбек на натпреварот. Вардар започна да создава сериозна предност, додека екипата од Чаир никако не можеше да фати добар ритам и да се врати во игра. Избраничките на Ристова се одлепија на највисоки осум гола разлика, 23:15, и во последниот период од натпреварот рутински ја одработија задачата.

Најефикасни во редовите на Вардар беа Борјана Коцева, Марија Галевска и Бојана Коцева со по пет погодоци. Кај Чаир се истакнаа Стефанија Ѓеоргиевска со осум и Леонора Рахмани со шест реализации.