Ракометарите на Вардар ја запишаа првата победа во новата сезона од регионалната СЕХА лига, откако во второто коло на домашен терен го совлада незгодниот состав на Партизан, со резултат 31:26 (16:14).
Дуелот меѓу македонскиот шампион и претставникот од Србија беше отворен со голот на Талески за водство на ,,црвено црните” од 1:0, но бргу вратија ракометарите на Партизан и по две минути игра резултатот беше 1:1.
По нерешените 2:2, следуваше серија од 2:0 на Вардар, кој зголеми на 4:2. Гостите од Србија возвратија со иста мера, постигнаа два гола во низа и израмнија на 4:4. Откако беше 5:5, тимот на Вардар во 12 минута со погодоците на Талески и Стоилов се одлепи на дотогаш највисоките ,,плус три” 8:5.
Партизан влезе во криза и потешко доаѓаше во позиција за гол. Следуваше период, во кој избраниците на Недановски одржуваа дистанца од два до три гола разлика. Кон средината на првиот дел, предноста на Вардар беше 10:7. Македонскиот шампион беше чекор пред ривалот, гостите никако не можеа да се вратат во игра, па така ,,црвено црните” зголемија на плус четири, 12:8.
Гостинскиот тим во последните десет минути од првиот дел успеа да постигне два гола во низа, намали на 12:10, но до крајот немаше сили за целосен камбек. Вардар повторно зголеми на четири гола разлика, 14:10, дозираше колку што му беше потребно и на полувреме замина со активен резултат од 16:14.
Вториот дел исто така започна со голот на левиот бек Талески, кој зголеми на 17:14. Светла точка во редовите на Партизан беше голманот Трнавац. Младиот член на Партизан за 30 минути игра имаше десет успешни интервенции, но немаше голема поддршка од своите соиграчи. По водството на Вардар од 19:16, тимот на Партизан со серија од 3:0, односно со погодоците на Петриќ, Зечевиќ и Јовиќ израмни на 19:19.
Кризниот период во Вардар беше прекинат со голот на кружниот напаѓач Стоилов за 20:19. Ракометарите на Вардар заиграа поцврсто во одбраната и во 45 минута успеаја да се одлепат на 25:21. Во тој момент беше скршен отпорот на гостите, кои до крајот заостануваа на три до четири гола разлика. Во моментите кога се „кршеше“ резултатот, меѓу стативите блескаше Мартин Томовски. Вардар во последните десет минути влезе со предност од 26:22 и рутински го одработи финишот од сехалигашкиот дуел.
Најефикасни во редовите на Вардар беа Филип Талески и Дејан Манасков со по девет погодоци. Голманот Томовски дуелот со Партизан го заврши со 13 одбранети удари. Во поразениот табор се истакна Никола Зечевиќ со седум реализации, додека голманот Трнавац имаше 14 интервенции.
Вардар во следното, трето коло, во регионалната СЕХА лига ќе игра против екипата на Татран Прешов. Натпреварот против словачкиот шампион ќе се одигра на 10 февруари во СЦ ,,Јане Сандански, со почеток од 18:00 часот.