За разлика од финишот на есенската полусезона, кога ракометарките на ЖРК Вардар имаа лоши партии на гостински терен, на првото гостување во пролетниот дел „црвено-црните“ девојки славеа убедлива победа.
Вардарки триумфираа на гостински терен кај прилепска Деспина со 19-34. Избраничките на Драгана Ристова отворија со предност од 1-4, но домаќинките за кратко се вратија на 5-5.
Повторно вардарки доминираа, стигнаа до 5-9 и до крајот не ја испуштија оваа предност. На паузата беше 9-14, а во второто полувреме немаше дилеми околу победникот, туку само околу конечниот резултат.
Најдобри стрелци кај Вардар беа Седлоска со десет и Галевска со шест погодоци, додека кај Деспина се истакна Сашка Филипоска со четири голови.