Ракометарите на Вардар одиграа одличен натпревар во 4. коло од Лигата на шампионите, а паузата очигледно влијаела позитивно. Со 31:26 го надиграа досега несовладаниот Флензбург и на тој начин му го нанесоа првиот пораз на тимот од Германија.
Ова беше само уште еден показател дека кога „црвено-црните“ играат ангажирано и на ниво тогаш лесно се стигнува до погодоци и до победа против тимовите од Германија.
Екипата на Флензбург беше во предност само на почетокот со 2:0, а Вардар на ова одговори со четири погодоци. Оваа позитива од два гола ја одржуваше неколку минути, а потоа и ја зголеми на три при 9:6 и 10:7.
Откако гостите успеаја да се вратат и да израмнат на 10:10 работите одново дојдоа на свое место односно со неколку одлични минути „црвено-црните“ успеаја да се изборат за предност од 15:11 и ова беше највисоката предност создадена во првиот дел од средбата.
Стартот на вториот дел не беше како што се посакуваше. Флензбург иако тргна добро во вториот дел и казни невнимание на вардарци работите почнаа да се менуваат. Ракометарите на Вардар одново се вратија во ритам. Успеаја да запрат неколку напади, а потоа и да реализираат, па на средина од второто полувреме стигнаа одново до највисоките четири гола разлика и имаа 25:21.
Од тој момент имаше и атракции во играта на Вардар, а тука во главна улога беше капитенот на „црвено-црните“, Стојанче Стоилов кој имаше убави погодоци. На ова се надоврзаа и колегите кои успеваа лесно да реализираат, а на пет минути до крајот беа достигнати и плус шест, 29:23.
Денеска сите одиграа на максимално ниво и тоа даде резултат. Ова беше партија која наликуваше на оние од шампионските сезони така што беа доволно убедливи за да ги заслужат сите честитки.