Екипата на Вардар добива ново засилување во бековската линија, а во тимот доаѓа ракометарот на Охрид, Стефан Додиќ, кој ќе игра за „црвено-црните“ до крајот на актуелната сезона.
Пред шест месеци Додиќ го напушти Металург и кариерата ја продолжи во Охрид каде што продолжи да настапува со успех и беше еден од најзаслужните за пласманот во плеј-офот. Сепак, во разигрувањето Додиќ ќе ги брани боите на Вардар.
Двата клуба постигнале договор, а тренерот Дејвис добива на располагање среден бек, позиција со која сезонава Вардар има проблем особено откако Анте Гаџа се повреди и позицијата остана дефицитарна.
Додиќ има договорен трансфер во Келце и ќе се пресели во овој тим во текот на летото. Сепак, уште сега има најави за позајмица и за следната сезона.
Уште со настапите во Металург, Додиќ доби епитет на голем талент и ракометар со голем потенцијал, а времето ќе покаже дали ќе ги исполни очекувањата. Дебитираше и за сениорската репрезентација на Србија така што полека го добива своето место меѓу најдобрите.