Вардар како клуб е единствениот во Европа кој од 2014 година редовно има свој претставник на завршните турнири во Лигата на шампионите доколку се гледаат и женскиот и машкиот Ф4 турнир.
Во 2017 и 2018 година се случи и двата состави да бидат на Ф4 турнирите во Будимпешта и во Келн, а играчите кои тогаш играа за вардарки и вардарци сега се главно низ тимовите низ Европа.
Сепак, два тима имаат амбиции да заличат на Вардар и полека ги формираат ростерите кои на „црвено-црните“ им носеа учество на турнирите во битката за трофејот.
Веспрем веќе три сезони ги собира играчите кои беа дел од круната во 2017 година. На клупата го имаат Давид Дејвис, а во тимот се и Арпад Штербик, Рожерио Мораеш и Вуко Борозан. Веќе ги договорија и Хорхе Македа и Данил Шишкарев што само повеќе носи шампионски квалитет во тимот. Има уште еден поранешен играч кој го носел дресот на Вардар, а тоа е Дејан Манасков со што речиси има цела постава која играла за Вардар.
Во женска конкуренција следната година така ќе наликува шампионот на Црна Гора, Будуќност. Со вчерашното објавување на договорот на Андреа Лекиќ полека станува јасно дека и тие ги сакаат поранешните вардарки, па сега ги имаат три. Нема да биде изненадуање, ако за брзо време потпише уште некоја.
За Будуќност веќе играат Јованка Радичевиќ и Барбара Лазовиќ, а Андреа Лекиќ им се приклучува од следното лето бидејќи и таа го напушта ЧСМ Букурешт.
Дали ангажирањето на поранешните ракометари и ракометарки на Вардар ќе им донесе успех на Веспрем и на Будуќност останува да се види. Јасно е дека овие два клуба успеаја да соберат најмногу поранешни членови на двете екипи на „црвено-црните“.