Ракометарите на Бутел во првиот натпревар од пролетниот дел од Супер лигата на свој терен беа подобри од составот на Радовиш со 26:22.
Радовишани на овој дуел влегоа без притисок и со добра игра во првите петнаесетина минути рамноправно се бореа против фаворитот. Во првите десет минути главно се играше гол за гол, а гостите од Радовиш во неколку наврати пропуштија шанса да дојдат до позитива од два гола предност.
По израмнетиот почеток на самиот старт и нерешениот резултат од 5:5, избраниците на Кристијан Грчевски влегоа во посилен ритам и со серија од 5:0 стигнаа до највисоко водство од 10:5. Бутелци до крајот на првиот дел дојдоа и до шест гола предност, 12:6, додека во завршниот дел од првото полувреме, Радовиш успеа да ја преполови негативната разлика. По 30 минути игра, резултатот беше 13:10 во корист за Бутел.
Со голот на Кристијан Ристов, гостите дојдоа до минус два гола негатива во второто полувреме, 13:11. За само неколку секунди игра во вториот дел, црвен картон поради приговор кон судиите заработи ракометарот на Радовиш, Ангелче Органџиев, кој мораше да се пресели на трибините. Домаќините во одредени моменти имаа пад во играта, а тоа беше главна причина за резултатска неизвесност.
Иако, Бутел имаше водство од 17:12, ракометарите на Радовиш со погодоците на Постолов, Ристов и Трајчевски стигнаа до минус два, 17:15. Бутел на серијата на противникот возврати со поголема мера и со четири гола во низа стигна до 19:15. Тука беше скршен отпорот на гостите од Радовиш бидејќи Бутел во последните десет минути влезе со активен резултат од 22:16.
Во последните десет минути немаше поголема промена на резултатот, така што бодовите останаа за домаќинот на овој натпревар.